Со пригодна свеченост во Москва беше прославена 13 годишнината од оснoвањето на Македонско-руската стопанска комора и една година постоење на „Македонски дом“, компанија формирана за потикнување на македонскиот извоз во Руската Федерација. На свеченоста што се оддржа во комлексот „Фуд сити“, каде што е сместен изложбено-продажниот центар „Македонски дом“, присуствуваа претставници на бизнисот од Македонија и Русија, челните луѓе од низа трговски претставништва на земјите од Евроазиската унија, претставници на Евроазискиот деловен сојуз и на други деловни асоцијации. На свеченоста се обрати и Димитри Бистров, регионален директор на одделот за Меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската Федерација, со која Македонско-руската стопанска комора има партнерски однос.
            – Македонско-руската стопанска комора и нејзината активност во сите овие изминати години придонесе за раст на економската соработка меѓу двете земји и за успешен влез на низа македонски производи на рускиот пазар, – истакна Бистров, потенцирајќи дека и во наредниот период ќе продолжи соработката меѓу двете деловни асоцијации.
            М-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско руската стопанска комора посебно го подвлече фактот дека  вкупниот обем на размената порасна во сите сегменти, а највисок раст забележи македонскиот извоз за 10,6 отсто. Размената лани достигна 202 милиони САД долари со пораст од 5,6 отсто и годинава очекува таа да биде уште повисока.
            -Ваквиот тренд на придвижување нагоре продолжува и на стартот од 2018 година. Вкупната размена во јануари скокнала за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 проценти. Меѓутоа, во размената со Руската Федерација земјава остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони САД долари, кој се должи на македонскиот увоз на нафта и гас. За негово врамнотежување мора постојано да го зголемуваме нашиот извоз, – додаде м-р Дејан Бешлиев.
            Токму во функција на зголемување на македонскиот извоз е формиран и „Македонски дом“, проект во партнерство на Македонско-руската стопанска комора и со поддршка на Стопанската комора на Москва. После една година постоење тој ги дава почетните резултати – на рускиот пазар се појавија производи кои досега не се извезуваа во оваа земја. Руските потрошувачи веќе може да се снабдуваат со кондиторски производи, вода, сирење, кроасани, ајвар, бурек од “Кадино“…
            -За македонските компании, членки на „Македонски дом“, кој се веќе 18 на број, обезбедуваме комплетна услуга за настап на рускиот пазар – од сертификација до продажба, како и целосна царинска и правна подршка. Во првата година постигнавме голем успех, бидејќи македонските производи почнаа да ги препознаваат руските потрошувачи. – истакна Ина Владимирновна Жарова, генерален директор на „Македонски дом“.
            Покрај настапот на рускиот пазар, преку „Македоснки дом“ се отвараат и вратите на другите земји од Евроазиската унија. Елена Корочкина, директор на Трговскиот дом на Казахстан во „Фуд сити“, едновремено и сопственик на ланец трговски маркети, спомена дека преку  „Македонски дом“ македонските производи стануваат препознатливи и во оваа земја и ги повика бизнисмените да  бидат упорни за настап на овој пазар, бидејќи има интерес  кај тамошните потрошувачи. Давид Горазде, директор на руско-грузискиот дом ги повика македонските бизнисмени на голем бизнис- форум на кој ќе моќат да се сретнат со грузиските деловни луѓе.
            – Македонските производи се квалитетни и природни и можат да го најдат местото и на пазарот во Грузија. Но, ние сме заинтересирани и за соработка во туризмот, но и за инвестирање, – порача Горазде.