Русија, која је најголемиот извозник на пченица во светот, има во план да продолжи со потиснувањето на Европската Унија и САД и да ги отвори најкомплицираните пазари за испорака, пишуваат западните медиуми.
Постигнатите успеси во Ирак, Саудиска Арабија и Алжир дефинитивно ќе го зацврстат лидерството на Русија на Блискиот Исток и во Северна Африка. Сѐ поважен фактор на сложениот економски фон со ниската цена на нафтата стануваат цените на производите, пишува „Ројтерс“ повикувајќи се на трговци со жито.
Пониските цени на нафтата му одат во прилог на рускиот извоз на пченица, цените на житото остануваат на релативно ниско ниво изразено во долари поради намалувањето на трошоците за гориво и заслабнувањето на националната валута.
Кога цената на нафтата останува ниска, арапските земји се прашуваат зошто да ја плаќаат увозната пченица милиони долари повеќе отколку што треба, изјави еден германски трговец. Според неговите зборови, конкурентната цена укажува на тоа дека руската пченица може да го заземе главниот дел на пазарите кои се за неа отворени.
Како што се наведува, минатата недела традиционалниот купувач на американското жито Ирак соопшти дека се разгледува можноста за учество на руска пченица во државниот откуп. Содржината на глутен засега не е во склад со барањата на ирачкиот увоз, меѓутоа руската пченица е поевтина 10 до 12 долари по тон од американската. Како што се нагласува, рускиот извоз на пченица пораснал за 47 отсто на 52 милиони тони во сезоната 2017/2018, и дека оваа земја планира да ги зголеми испораките за 25 милиони на 77,7 милиони тони. Притоа, како што се наведува, излегувањето на Русија на пазарот на Ирак или на Нигерија ќе го почувствуваат САД, а експанзијата во Алжир и Саудиска Арабија Европската Унија.
Доаѓањето на Русија во Алжир би претставувало земјотрес. Европската Унија, особено Франција, засега доминира тука, додека Русија не спаѓа во испорачувачите на тој пазар. Конкуренцијата на Русија би била фатално опасна за Европската Унија, рече друг трговец. Саудиска Арабија, како што изјави тој, е од витално значење за Германија, Полска и балтичките земји. Русија веќе подготвува пробни испораки во таа земја.
Инаку, како што беше соопштено минатиот месец, Русија планира да го отвори во Сирија најголемиот центар за извоз на жито на Блискиот Исток, а за тоа ќе биде неопходна и соодветна инфраструктура, изјави министерот за сообраќај на Сириската Арапска Република Али Хамуд, пренесуваат руските медиуми.
„Со руската влада се договоривме за отворање на хаб за извоз на руска пченица во другите земји во регионот“, рече Хамуд.
Како што истакна тој, за таа цел ќе бидат потребни повеќе пристаништа во Сирија и изградба на силоси за прием на голема количина руска пченица. Тој додаде дека во регионот засега ја нема сообраќајната инфраструктура неопходна за транспорт на пченицата од складиштата во соседните земји.
„Затоа ќе ни бидат потребни железници и патишта, а сето тоа е се најде во склоп на комплетниот проект со чија реализација, се надеваме, ќе почнеме наскоро“, рече министерот, истакнувајќи дека ја гледа „реалната заинтересираност“ на руската страна за развој на тој проект. Тој додаде дека Сирија разговара со руските компании за изградба на складиште за цитруси во пристаништето Тартус. Руските бродови кои ќе доаѓаат натоварени со пченица ќе се враќаат со овошје и зеленчук во Русија, а тоа ќе претставува стимул за поморскиот сообраќај, рече тој. Како што нагласи министерот, ресорот работи на создавање на поморски навигациски рути меѓу Сирија и Русија.(Руска реч)