Индексот на трошоците на живот во декември 2018 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.8, а индексот на цените на мало 99.5.
Во 2018 година, во однос на 2017 година, индексот на трошоците на животот бележи пораст од 1.5 %, а индексот на цените на мало бележи пораст од 2.7 %.
Движењето на индексот на трошоците на животот, во 2018 година, беше различно по одделни групи на потрошувачката.
Пораст на индексите е забележан во групите: Транспорт за 7.5 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 5.5 %, Рекреација и култура за 2.4 %, Ресторани и хотели за 1.9 %, Храна и безалкохолни пијалаци, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 0.8 %, Здравје и Комуникации за 0.7 %, Останати стоки и услуги за 0.5 %.
Намалување на индексите е забележано во групите: Облека и обувки за 0.4 % и Образование за 0.1 %.
Групата Домување, вода, електрика, гас и други горива е на ниво од претходната година.
Движењето на индексот на цените на мало, во 2018 година, исто така, беше различно по одделни групи производи. Пораст на индексите е забележан во групите: Услуги за 3.7 %, Земјоделски производи за 3.6 %, Непрехранбени индустриски производи и тутун за 2.5 %, Индустриско-прехранбени производи за 0.8 %.
Групата Пијалаци е на ниво од претходната година. Индексот на трошоците на животот во декември 2018 година, вo споредба со декември 2017 година, забележа пораст од 0.9 %, а индексот на цените на мало забележа пораст од 1.0 %.
Индексот на трошоците на животот во декември 2018 година, во однос на претходниот месец, забележа намалување од 0.2 %.
Намалувањето на индексите на трошоците на животот во декември 2018 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на свежото и разладеното овошје за 3.3 %, сувото овошје и јаткастите производи за 0.9 %, млекото за 0.8 %, трбушките за 0.7 %, другите прехранбени производи за 0.6 %, јајцата за 0.5 %, другите пекарски производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.3 %, маслото и маснотиите за 0.2 %.
Исто така, во декември 2018 година, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 6.8 %, течните горива за домаќинствата за 12.5 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 10.6 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 3.6 %, информатичката опрема за 1.9 %, дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ата, филмовите за 1.0 %, книгите за 1.5 %, автомобилите за 1.4 %, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0.9 %, другите медицински производи за 0.3 %, материјалите за одржување и поправки на станот, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.2 %.
Пораст на индексот на трошоците на животот во декември 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 1.6 %, рибата и морските плодови, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0.7 %, сирењето и урдата за 0.5 %, лебот и житата за 0.4 %, другите преработки од месо, јогуртот за 0.2 %.
Исто така, во декември 2018 година, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 3.9 %, средствата за чистење и одржување на станот за 2.1 %, градините, растенијата и цвеќињата, туристичките пакет-аранжмани за 1.3 %, парамедицинските услуги за 0.9 %, теписите и другите покривки за под, другите лични предмети за 0.8 %, обувките, телефон и телефакс-опремата за 0.7 %, големите електрични апарати за домаќинствата, малите електрични апарати за домаќинствата, услугите за сместување, услугите за лична хигиена за 0.5 %, мебелот за домаќинствата за 0.4 %, лековите, терапевтските помагала, резервните делови и опремата за сопствен превоз, ресторани и хотели за 0.2 %. (Државен завод за статистика)