„Виталиа“ потпиша меморандум за соработка со средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, со што го поддржа воведувањето на дуалното образование во Македонија, според кое се креираат наставни планови соодветни на потребите на пазарот, а учениците се стекнуваат со вештини со кои ќе дојдат до полесно вработување.
Со тоа, 57 матуранти од 80 ученици ќе имаат можност да учат по наставна програма која е профилирана за потребите на шест компании во Македонија кои по завршувањето на нивното образование им гарантираат вработување. „Виталиа“ е една од шестте компании кои ќе вложат во иднината и професионалните кариери на матурантите чиј избор ќе биде токму ова стручно училиште и посебните програми.
-Нам ни претставува голема радост што ќе имаме можност да ги поддржиме овие млади луѓе во нивниот образовен процес и професионално обликување.  Се надеваме дека и за нив оваа соработка ќе биде мотивација да вложуваат во својот професионален развој, сметајќи на сигурноста пружена од нашата компанија. Воедно, би сакале да изразиме благодарност за можноста да учествуваме во градење на квалитетен кадар кој ќе помогне во реализација на развојните планови на компанијата, – изјави Искра Ветаџокоска Муцунска ко-сопственик на „Виталиа“.
Со овој проект, „Виталиа“ ќе им овозможи на младите талентирани и амбициозни ученици стекнување и практикување нови вештини во реални процеси во рамките на компанијата, а и полесно стапнување на пазарот на труд во иднина.