И во април во Република Македонија, како што бележи Државниот завод за статистика, забележан е исклучително мал број на туристи од Руската Федерација. Во овој месец  во земјава допатувале 460 руски гости што е само 0,8 отсто од вкупниот број на туристи што се евидентирани во овој месец. Гостите од Руската Федерација оствариле 1.147 ноќевања, што е 1,1 отсто од вкупниот број на ноќевања на странските туристи во земјава.
За споредба да споменеме дека бројот на руските туристи во Турција се зголемил на речиси 70 проценти, иако до неодмна политичките односи меѓу двете земји беа во сериозна криза,  а во Чешка уделот на руските туристи го достигна нивото пред кризата. Во Прага, на пример, просечниот странски турист се задржува по 2,5 деноноќиа, а Русинот останува таму цели 4,5 дена. Со бројот на ноќевањата Русите ги надминуваат сите конкуренти и во Финска. Странските хотелиери ги сакаат Русите, поради нивната подготвеност да трошат пари и заради долгите  престои во хотел. Грција, исто така, бележи рекордни доаѓања руски туристи.За жал, Македонија и натаму бележи мал број руски туристи и не прави обид да ги привлече во поголем обим.
Според податоците на Државниот завод за статистика, пак, вкупниот бројот на туристите кои во април 2018 година ја посетиле Република Македонија изнесува 82 635, а тие оствариле 164 183 ноќевања.
Бројот на туристите во април 2018 година, во однос на април 2017 година, е зголемен за 21.4 %, а бројот на ноќевањата е зголемен за 17.2 %.
Бројот на домашните туристи во април 2018 година, во однос на април 2017 година, е зголемен за 12.3 %, а бројот на странските туристи е зголемен за 25.5 %.
Бројот на ноќевањата на домашните туристи во април 2018 година, во однос на април 2017 година, е зголемен за 6.1 %, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 24.5 %.
Во периодот јануари – април 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 18.7 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 10.8 %, а кај странските има зголемување за 23.0.%.
Во периодот јануари – април 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 17.5 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 10.3 %, а кај странските има зголемување за 22.5.%.