На македонските мали и средни компании достапна им е поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Парите ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки.
Како што беше речено на потпишување на договрот за заемот, се очекува до крајот на месецот да бидат потпишани договорите со деловните банки, а веќе од следниот месец да почне и аплицирањето од фирмите за добивање кредити.
Кредитите ќе се доделуваат во транши од по пет милиони евра, а фирмтие ќе можат да учествуваат со проекти во вредност од шест илјади евра па до три милиони евра.
Кредитната линија ќе биде достапна во наредните две години, односно до повлекувањето на сите транши.
Се очекува да биде понудена по пониски каматни стапки, односно со каматна стапка од околу 3,5 отсто и ќе има рок за враќање од 12 години со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.
Кредитната линија ќе може да се користи за инвестиции, набавка на опрема, градежни материјали, машини, транспортни средства, финансирање на обртни средства…
Досега вкупната поддршка од ЕИБ за земјава изнесува 450 милиони евра.