Русија и Кина подготвуваат договор за премин на плаќање во националните валути кој, како што се очекува, би требало да биде потпишан до крајот на годината, изјави првиот човек на руската банка „ВЕБ банк“ Игор Шувалов.
„Русија веќе има свој канал, како што Кина има свој. Треба едноставно да се договори како ќе соработуваме користејќи ги тие канали, како и другите форми, со цел вршење на трансакциите“, изјави Шувалов по разговорите на ниво на руско-кинеските меѓувладини структури, пренесуваат руските медиуми.
Според него, иако веќе се знае како би функционирала шемата, таа мора да биде образложена во договорот. „Договорот би требало да се потпише во најкраток можен рок, би било одлично доколку успееме да го сториме тоа до крајот на годината“, истакна тој.
Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека трговската размена меѓу двете земји до крајот на оваа година ќе достигне сто милијарди долари, што само пред десет години било речиси незамисливо.
„Во овој момент зборуваме за нешто друго, за можна трговска размена од двесте милијарди долари, а јас мислам дека таа бројка е по мерка на нашите сили доколку активно ја унапредуваме соработката во договорените области“, истакна премиерот Медведев. Како што кажа тој, со својот кинески колега се договориле за низа дополнителни чекори во поддршката на малото стопанство, унапредувањето на електронската трговија и платниот систем. Тој додаде уште и дека Русија и Кина имаат бројни инвестициски проекти во сферата на енергетиката, нафтата, гасот, преработката на нафтата, високите технологии, меѓу другото на пилотираната космонаутика и создавањето вештачка интелигенција. Перспективи за успешна соработка, како што истакна тој, постојат и во сферата на земјоделството.
„Го зголемивме извозот на руски прехранбени производи во Кина, додека кинеските партнери исто така работат во ист правец. Ние, се разбира, сме заинтересирани за реализација на нови проекти, вклучувајќи го извозот на руска соја во Кина и цела низа други области, имајќи го предвид развојот на транспортно-логистичките можности“, нагласи рускиот премиер. Медведев исто така изјави дека со премиерот на Државниот совет на НР Кина Ли Кекијанг разговарале за состојбата во меѓународната трговија. Двајцата премиери се согласија во оцената дека е недозволиво кршењето на правилата на Светската трговска организација и воведувањето неразумни трговски бариери и санкции.
„Нашиот став тука е идентичен, сметаме дека сите потези во таа сфера мораат да придонесуваат за глобалната трговија, глобалната размена на инвестиции и дека затворањето во рамките на одредени земји или региони генерално го спречува развојот“, изјави тој.
На маргините на саемот China International Import Expo во Шангај Русија и Кина вчера потпишаа три извршни договори во врска со проектот за изградба на нови блокови на кинеската нуклеарна електрана Тианван и нуклеарен реактор со брзи неутрони CFR600.
Инаку, главни ресурси и роба што Русија ја извезува во Кина се метал, сурова нафта, природен гас, фармацевтски производи и медицинска опрема, како и земјоделски и производи на хемиската индустрија. Кина на Русија првенствено ѝ продава градежна техника, опрема за производство, челик, електроника, текстил, облека и бела техника. Во последно време во Русија станаа популарни кинеските патнички автомобили.
Само во септември трговската размена меѓу двете земји изнесуваше 9,65 милијарди долари. Во првите девет месеци на оваа година рускиот извоз во Кина порасна за 39,2 отсто, достигнувајќи 41,95 милијарди долари, додека Кина на Русија ѝ испорача роба во вредност од 35,2 милијарди долари, што е 12,7 отсто повеќе од истиот период лани, пренесува порталот „Взгљад“.
Трговската размена меѓу Русија и Кина во 2016 година достигна 69,52 милијарди долари. Минатата година овој показател е зголемен на 84,07 милијарди долари. Брзиот раст на билатералната трговија е поврзан во одредена мера со порастот на побарувачката во Русија во која се забележува стабилизација на националната економија. Освен тоа, зголемен е и обемот на роба увезена од Русија во Кина, рече Гао Фен.
Како што истакна тој, зголемувањето на трговската размена се објаснува и со растот на кинеските инвестиции во Русија и јакнењето на соработката во сферата на енергетиката и аерокосмичката индустрија. Двете земји се подготвени да преземат мерки во оптимизацијата на трговските структури и развојот на нови извори на раст за да ја задржат постигнатата динамика, додаде Фен.
Од Меѓународната трговска комора на Кина порачуваат дека елементите на увозот главно заемно се дополнуваат и дека меѓу Русија и Кина нема директна конкуренција.
Се проширува и соработката во сферата на научните истражувања. На полето на образованието се постигнати значајни резултати, воспоставена е директна размена на ниво на универзитети, вклучувајќи заеднички образовни програми во областа на екологијата, енергетиката и информационите технологии, додаде тој.
Експертите забележуваат дека постои огромен потенцијал кој може да биде реализиран благодарение на иницијативата „Еден појас, еден пат“ и руската политика на замена на увозните производи. Поцврста економска соработка, според нивна оцена, може да биде заемно корисна и да помогне во решавањето на проблемите како што се протекционизмот и едностраната трговска политика на САД.
Потпретседателот на Кинеската академија за меѓународна трговија и економска соработка Ли Гуанхуеј истакнува дека кинеските инвеститори имаат големо искуство во реализација на бројни големи инфраструктурни проекти во Африка, Јужна Америка и на Блискиот Исток. Според него, сега е вистинскиот момент тие инвеститори да се привлечат во прекуграничните инфранструктурни проекти кои ги поврзуваат Далечниот Исток на Русија и Североисточна Кина, пренесува „Росијскаја газета“.(Руска реч)