Во првите шест месеци од 2017 година Русите потрошиле за набавка на нови патнички автомобили 890 милијарди рубли, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Соодветните податоци ги објави аналитичката агенција „Автостат“.
Лидер во приходите е компанијата „Тојота“, која има заработено речиси 100 милијарди рубли – 1% помалку од претходната година. „Киа“ е втора со мала разлика – со продадени автомобили за 93 милијарди рубли (плус 37%).
На третата позиција се најде рускиот бренд „Лада“, со приход од 75 милијарди рубли (плус 20%), а четвртото место е за „Хјундаи“ со заработка од 73 милијарди рубли (плус 20%). Петтото место е за „Мерцедес-Бенц“, со приход од 72 милијарди рубли (минус 8%).
Вкупно, според Асоцијацијата на Европскиот бизнис (АЕБ), од јануари до јуни оваа година во Русија се продадени 718529 нови патнички автомобили – за 6,9% повеќе од претходната година, пренесува Autonews.