Стоковната размена на Република Македонија со Руската Федерација до крајот на мај е повисока за 66,3 отсто од истиот период лани, но македонскиот увоз скокнал дури за 80,1 отсто.
Во првите пет месеци од годинава, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, меѓусебната размена на двете земји достигнала сума од 103,7 милиони САД долари (лани во истиот период 62,3 милиони САД). Македонските компании во овој период пласирале стока на рускиот пазар во износ од 19,5 милиони САД долари (лани 15,6 милиони САД долари) и извозот го зголемиле за 25.2 отсто. Меѓутоа, истовремено е купена стока од Русија за 84,1 милиони САД долари (лани 46,7 милиони САД долари) што е за повеќе од три пати од македонскиот извоз.Тоа придонесе трговскиот дефицит на Република Македонија во трговијата со Руската Федерација до крајот на мај да изнесува 64,5 милиони САД долари, а неговото „пеглање“ се очекува да следи во наредните неколку месеци кога интензивно започнува извозот на земјоделски производи од земјава на големиот руски пазар.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во странство, во периодот јануари-мај 2017 година, изнесува 2,1 милијарди САД долари и бележи пораст од 11.1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2,9 милијарди САД долари што е за 8.0% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-мај 2017 година, изнесува 799 милиони САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-мај 2017, изнесува 72.5%. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-мај 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.
Обем на размена Македонија – Русија
Обем на размената, 01 – 05 2017 | Покриеност на увозот со извоз |
287 969 446 илјади денари | 72.5% |
4 675 278 илјади евра | 72.5% |
5 031 523 илјади САД долари | 72.6% |