Компанијата „Свислион“, членка на Македонско-риската стопанска комора, целосно го презема „Агроплод“ АД Ресен, со откуп на преостанатите триесетина проценти акции.

-Понудата за преземање беше прифатена од вкупно 13 сопственици на акции со право на глас во „Агроплод“ АД Ресен, кои поседуваат вкупно 7.956 обични акции, што претставува 30,05% од од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од „Агроплод“, извести ресенската кондиторска компанија преку Македонската берза.

Во соопштението објавено преку Берза се наведува и дека во понудата за преземање не бил определен услов за најмало количество обични акции со право на глас која треба да биде прифатена за понудата за преземање да се смета за успешна. Врз основа на тоа се наведува дека понудата за преземање е успешна.

Инаку, „ Свислион“ од 2006 година е мнозински акционер во „Агроплод“. Ресенската фирма е основана во 1967 година и главно се занимава со производство на храна, но исто така поседува и хотелски капацитети.

ПИ СВИССЛИОН ДОО Скопје е горд член на концернот СВИССЛИОН – ТАКОВО,  кој е еден од најголемите и најпознатите производители на храна и пијалоци во Југоисточна Европа.

Во 1998 година, ПИ СВИССЛИОН ДОО Скопје започнува со работа, прво како генерален дистрибутер, а потоа и со производствен погон како “Green field” инвестиција.

Во 2001 година, со единствена цел за постигнување на максимална продуктивност и ефективност во работата, компанијата се дели на СВИССЛИОН ДОО Скопје, со основна дејност производство на кондиторски производи и СВИССЛИОН Мак ДОО Скопје, со основна дејност продажба на големо и мало и дистрибуција на целиот асортиман на групацијата SWISSLION.

Во 2005 година СВИССЛИОН ДОО Скопје ја проширува својата дејност со нова производна линија за солено трајно пециво, а во 2006-та, станува доминантен сопственик на АД АГРОПЛОД Ресен и врши целосна ревитализација и модернизација на фабриката, со широк асортиман на познати брендови. Во 2011 СВИССЛИОН продолжи со својата развојна политика и инвестираше во нова трафостаница и нов погон за дражирани производи.

Од 2012 година кога и се дефинираше финално сопственичката структура на АД АГРОПЛОД, СВИССЛИОН во Македонија ги има сите предуслови за континуран раст и развој. Моментално СВИССЛИОН во Македонија делува преку 4 правни субјекти и тоа:

  • ПИ СВИССЛИОН ДОО Скопје – со основна дејност трговија со прехрамбени производи
  • СВИССЛИОН-АГРОПЛОД ДООЕЛ Ресен – со основна дејност производство на кондиторски производи
  • СВИССЛИОН АГРАР ДОО Ресен – со основна дејност производство на јајца
  • АГРОПЛОД АД Ресен – со основна дејност земјоделие