„Алкалоид“ АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2017 година, покажуваат неревидираниот единичен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единичниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни продажбите достигнуваат 3.507.290.746 денари, што е 8 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 649.689.157 денари, бележи зголемување од 11 отсто, единичната нето-добивка изнесува 374.886.745 денари и таа е зголемена 9 отсто.
Во периодот јануари – јуни вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.554.009.259 денари, што е 9 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени 7% отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен 10 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 39 отсто се остварени на домашен пазар, а 61 отсто се остварени на странски пазари.
Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто и на другите пазари се остварени 1 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 127.873.079 денари и Унгарија со продажби од 11.691.735 денари, што претставува зголемување од 18 пати во споредеба со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Русија раст од 24 отсто, Романија раст од 52 отсто, Словенија раст од 24 отсто, Украина раст од 33 отсто, Црна Гора раст од 17 отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 84 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 3 отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 668.995.343 денари, бележи раст од 12 отсто, а нето-консолидираната добивка во износ од 361.750.584 денари е зголемена 11 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2017 година изнесуваат 323.470.022 денари.
Во периодот јануари – јуни 2017 година во „Алкалоид“ се реализирани 54 нови вработувања во Република Македонија.(„Алкалоид“)
Активности „АЛКАЛОИД“ ОД СКОПЈЕ ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ ОД ГОДИНАВА ЗА БЛИЗУ ЧЕТВРТИНА ГО...