Во годината во која слави 80 години од своето постоење „Алкалоид“’ АД Скопје, членка на Македонска – руска стопанска комора, бележи одлични производствени и финансиски резултати. Една од најуспешните македонски компании регистрираше раст на консолидираните продажби од 5 отсто, реализираше инвестиции во износ од 546.870.000 денари и бележи 115 нови вработувања во периодот од јануари до септември годинава.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември продажбите достигнуваат 4.788.360.375 денари, што е за 7 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 893.600.707 денари, бележи зголемување од околу 10 отсто, додека нето-добивката е зголемена за 11 проценти.
Во периодот јануари – септември вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.160.156.025 денари, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 2%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 7%.
Од вкупните консолидирани продажби, 39% се остварени на домашен пазар, додека 61% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: САД – раст од 74%, Русија – раст од 12%, Романија – раст од 56%, Словенија – раст од 17%, Полска – раст од 486%, В.Британија – раст од 198%, Унгарија – раст од 236%.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 82%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 18%, кардиолошките препарати исто така со 18%, невролошките препарати со 14%, антибиотиците заземаат 12% од вкупните консолидирани продажби. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 18% во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 3%, козметика со 11% и билкарство учествува со 4%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 920.084.756 денари, бележи раст од 9%, додека нето-консолидираната добивка во износ од 509.357.152 денари е зголемена за 10%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2016 година изнесуваат 546.878.626 денари. Во истиот период се реализирани и 115 нови вработувања во компанијата на територијата на земјава.