Првиот филм за „Алкалоид“ од 1950 година, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот „Кафетин“; првите пакувања „Бекутан“, најстарите индустриски машини и голем број други компаниски експонати се поставени во изложбената поставка во Музејот на Град Скопје по повод 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“.


-Јубилеите вообичаено ги одбележувавме во поширок состав, бидејќи „Алкалоид“ е компанија за сите! Приликите за овој јубилеј ни наложија друг формат, па се одлучивме нашето минато и нашата сегашност да ги отвориме за сите! Цела година собиравме драги спомени и на простор од околу 300 м2 ги спакувавме најзначајните моменти од нашата и ваша историја,- истакна генералниот директор на компанијата, Живко Мукаетов.

Јубилејот е прилика за сеќавање на почетоците со две постројки и 15 вработени и развој и раст до една од најголемите и најуспешни компании во Македонија и регионот. „Алкалоид“ одбележува 85 години постоење и продолжува да работи на својата глобализација.

-Скромните почетоци на компанијата датираат во 1936 година кога на патот Скопје-Велес е отворен еден од најстарите капацитети за преработка на алкалоиди во тогашната југословенска заедница. 85 години подоцна, во „Алкалоид“ имаме околу 60.000 квадратни метри производствени погони и над 2.500 вработени во базата во Скопје и во 20-те подружници во 15 земји низ светот, – вели генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов.

Континуираните деловен успех и одржлив развој на компанијата се должат на квалитетот на производите, кадрите, брендот „Алкалоид“ и на поединечните брендови.

-Денес, преку 60% од својот асортиман, ‘Алкалоид‘ го пласира во над 40 земји. Светските трендови во фармација, хемија, фитотерапија и козметологија се имплементирани во нашите секојдневни операции. Нашите инвестиции во производствени капацитети, лаборатории, истражување, развој, технологија и едукација на вработените, кои во изминатите 15 години изнесуваат речиси 200 милиони евра, ни овозможуваат пласман на производи со супериорен квалитет, – вели Мукаетов.

Покрај тоа, „Алкалоид“ и фондацијата „Трајче Мукаетов“ на разни начини го помагаат развојот на македонските здравство, фармација, култура, спорт, образование и други општествени сфери.

-Во годината на нашиот 85-годишен јубилеј би сакал да се заблагодарам на сите генерации и членови на големото семејство на алкалоидовци за посветената работа и натчовечките напори вложени во непреченото одвивање на процесите. Главни приоритети на ‘Алкалоид‘ и натаму ќе бидат грижата за вработените, акционерите, животната средина, деловните партнери и за здравјето, пред сè, – посебно истакна  Мукаетов во своето обраќање.

„Алкалоид“ годинава го започна јубилејот со промовирање на хуманитарниот видеоспот од антологиската „Чукни во дрво“ на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, во изведба на дечињата од Проектот „Дајте музика“, при што за секој преглед на дигиталните канали, од 10 јуни до 20 септември, компанијата назначи дека ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести.

-Со овој видео спот дечињата пренесоа пораки на благодарност, оптимизам и емпатија до најзасегнатите општествени категории на граѓани со пандемијата. За сета позитивна енергија и добри мисли, споделени со прегледите на ова видео, одлучивме да донираме наместо еден, по два денари од преглед или износ од 4.099.448 денари на Клиниката за детски болести во Скопје, – рече Мукаетов.

Симболичниот чек децата актери од Проектот „Дајте музика“ ѝ го врачија на проф. д-р Аспазија Софијанова.

-Сензитивноста во лекување на децата претстави еден голем чекор напред во однос на ова што го правите денес. Сакам искрено да ви се заблагодарам затоа што во овој тежок период она што го покажавте е здравјето пред сѐ. Здравјето на оние коишто се нај вулнерабилни, најсензитивни и значат вистинска иднина, – се заблагодари д-р Софијанова.

„Алкалоид“ промотивно прикажа уште едно свое јубилејно видео, за кое се користени стари, автентични филмски кадри за фабриката од 1950 и 1962 година, споени со модерни процеси, кои денес се изведуваат во производствените погони на компанијата. Паралелата меѓу минатото и сегашноста е заокружена со маестралната графика специјално изготвена за алкалоидовиот јубилеј, чиј автор е познатиот македонски уметник Михаил Корубин. Во потрага по безвременски мотив, перцепцијата на овој наш голем уметник се заштитата и моќта, кои се претставени преку човечките раце, и сонцето, кое ја симболизира животната сила, каде што е сместено логото на „Алкалоид“.

Ретроспективната изложба ќе биде отворена  до 12 октомври за целата македонска јавност.