Руските компании да влезат на македонскиот пазар, да ги искористат бизнис поволностите што ги нуди земјава, да инвестираат и да реализираат заеднички проекти со македонските партнери во енергетиката, гасификацијата, туризмот, земјоделството, апелира премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое го отвори  Македонско-рускиот бизнис-форум што се одржа во хотелот „Хилтон“ во Скопје (14.11.2019 година).

Форумот се одржа во Скопје, во рамки на 9. сесија на Мешовитата меѓувладина комисија која на 14 и 15 ноември, во Охрид, ќе заседава, а се активира по пауза од пет години. Во подготовката и во работата на бизнис форумот учествуваа и Ѓорѓи Дика, претседател и м-р Дејан Бешлиев, извршен директор  на Македонско руската стопанска комора.

-Односите со Руската Федерација се традиционално пријателски, но потенцијалите во делот на економијата не се доволно искористени и во овој сегмент мора да работиме. Во дијалогот на Меѓувладината комисија која повторно почнува со работа, од оваа година е внесена нова динамика. Мора да имаме успех. Верувам дека ќе постигнеме сериозен исчекор, – истакна Зоран Заев.

Тој информира дека размената со Русија учествува со само 1,1 отсто во вкупната размена на земјава остварена во периодот јануари – јули 2019 година.

Рускиот заменик-министер за индустриски и трговски развој, Алексеј Груздев во оваа прилика порача дека македонската Влада треба да создаде, како што рече, благопријатни услови за интензивирање на економската соработка.

-Тоа ќе зависи од вас и само така ќе можете да ја видите вашата конкурентност на пазарот. Убедени сме дека со тоа ќе се зголеми партнерството. За жал, ние имаме поинакви бројки за размената според кои таа се намалува, но ако навистина е зголемена за 25 отсто, како што велите, тоа радува, – напомена Груздев.

Русија, дополни заменик-министерот, е подготвена за купување стоки и услуги од земјава, посебно од агросекторот, но сериозен потенцијал за унапредување на соработката има и во транспортот, движењето на стоки и авиосообраќајот.

-Во областа на енергетиката сме сигурни партнери, а освен за зголемување на увозот треба да зборуваме и за техничко-технолошкиот развој, – подвлече Груздев.

Според Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација  на економските ресурси, домашната економија мора да биде отворена кон големите земји и пазари и да воспостави што поинтензивни комуникации со руските компании.

-Имавме билатерален состанок. Ја отворивме темата како земјоделските производи полесно и побрзо да стигнат на рускиот пазар. Ги поканивме големите маркети и трговци од Русија да отворат откупно-дистрибутивни центри тука. Се надевам дека оваа иницијатива ќе вроди со плод, – рече Анѓушев.

Претседателот на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, истакна дека очекува дека на форумот и во Охрид, ќе се отворат нови насоки за натамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, после пет години стагнација во работата на комисијата.

-Во периодот јануари-септември 2019-та остварен е извоз на земјоделско прехранбени производи во Руската Федерација во вредност од 21,8 милиони долари, наспроти 15,1 милиони долари истиот период 2018-та година, што претставува зголемување од 44 отсто. Најголем дел од извозот отпаѓа на јаболката или 27,2 отсто, потоа праски,  домати свежи или разладени, цреши и тутун.  Во делот на земјоделството, овие позитивни показатели се резултат и на постојаната комуникација на македонските надлежни институции со надлежните служби од Руската Федерација. Агенцијата за храна и ветеринарството имаше интензивна соработка со руската  Россељхознадзор – Службата за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација. Очекувам нивната соработка да продолжи и во наредниот период, со проширување на аранжманот на производи кои се извезуваат во Руската Федерација како и зголемување на бројот на објекти од Република Северна Македонија кои ги исполнуваат неопходните гаранции за извоз, – рече Димковски во обраќањето на бизнис форумот..

Рускиот амбасадор во Северна Македонија Сергеј Баздникин изјави дека денешниот форум е значаен за билатерланите односи и „нашите пријателски земји и братски народи“ имаат намера да ги поттикнат иницијативите на бизнис секторот за зацврстување на трговско-економските врски.

-Во Северна Македонија гледаме интересен и перспективен партнер со кои се големи можностите за взаемна соработка, а потенцијалот е далеку од исцрпен, – изјави Бездникин.

Пред одржувањето на бизнис форумот, претседателот на Владата на Република Северна Македонија,  Зоран Заев прими делегација од учесниците на овој деловен настан, меѓу нив и претставници на деловната заедница од Северна Македонија и Руската Федерација, како и членовите на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка.

На средбата во Владата, делегацијата на Руската Федерација ја предводеше заменик министерот за индустрија и трговија на Руската Федерација,  Алексеј Груздев, придружуван од амбасадорот на РФ во нашата земја, Сергеј Александрович Баздникин.

На средбата, на која присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и претседател на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу двете земји Трајан Димковски,  премиерот Заев истакна дека односите меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и нив ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат односите во економската соработка во иднина.

-Особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, од оваа година е внесена нова динамика. Тоа е добра основа за продлабочување на соработката, – рече на средбата претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран  Заев.

Премиерот Заев додаде дека двете страни во комисијата се договориле освен досегашните области за соработка во енергетиката, транспортот, и земјоделството, соработката да се прошири и во други области, како и дека се согласиле да се формираат посебни работни групи за сите области на соработка, што најавува многу конкретна работа и ефикасно донесување одлуки од интерес на двете земји и на нашите граѓани.

Руската делегација од своја страна истакна дека преку институциите на Руската Федерација ќе биде преземена поактивна улога и ќе ги охрабри иницијативите како бизнис форумот што  се одржа во Скопје, за подобро запознавање и за унапредување на соработката.