М-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора оствари средба  со Владимир Гришин, директор на Представништвото на Трговско – индустриската комора на Руската Федерација во Република Србија и Црна Гора при неговата посета во Република Северна Македонија (4.3.2020 година). Во разговорите во Скопје гостинот беше информиран за економската соработа  и трговската размена на земјава со Руската Федерација и беа лоцирани можностите за нејзиното унапредување. Заедничка беше оценката дека можностите за проширување и зголемување на соработката се далеку поголеми и неопходно е заедничко ангажирање тоа да се оствари. Притоа,  беа конкретизирани одредени идеи и  беа лоцирани конкретните поддршки што може да ги даде претставништвото на Трговско- индустриската комора на Руската Федерација со седиште во Белград во остварување на таа цел.

Заедничка беше согласноста дека е неопходно да се прошири и интензивира  соработката на Македонско-руската стопанска комора со деловните асоцијации на одредени региони во Руската Федерација, проширување на учеството на македонските компании на саемски манифестации во оваа земја, почести бизнис контакти меѓу деловните луѓе од двете страни, како и поинтензивна размена на информации од областа на бизнисот.

Македонско-руската стопанска комора и Трговско-индустриската комора на Руската Федерација имаат потпишано Меморандум за соработка. Врз основа на интензивните контакти со Трговско – индустриската комора на Москва   е формиран и Трговско-изложбениот „Македонски дом“ во главниот град на Руската Федерација,  кој е на располагање на овдешните компании за пласман на нивната стока на големиот руски пазар.

Вкупниот обем  на трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во 2019 година ја достигнала вредноста од 194,5 милиони САД долари. Македонските компани извезле стока на рускиот пазар во висина од 52,1 милиони САД долари, додека увезле речиси три пати повеќе или точно 142,3 милиони САД  долари.Заради ваквите резултати, Република Северна Македонија лани остварила трговски дефицит во трговијата со Руската Федерација во износ од 90,2 милиони САД долари.

Оделение за информирање на Македонско-руската стопанска комора