Бизнис соработката меѓу САД и Руската Федерација се засилува и покрај санкциите наметнати од Вашингтон против Москва.
Ова деновиве го изјави американскиот амбасадор во Москва,  Џон Хантсман, цитиран од ТАСС.
-И покрај општоприфатениот став, санкциите не влијаат на деловната соработка како целина, туку, напротив, бизнисот се развива, –  категоричен е Хантсман. – Санкциите поврзани со она што се случуваше во  изминатите неколку години сега се насочени кон конкретни луѓе или сектори на економијата.
Како пример за успешна американска инвестиција во Русија, Хантсман ја посочи онаа на американската авионска компанија „Боинг“ во регионот Свердловск.
-Нивната работа оди многу добро. – оцени американскиот амбасадор.
Истовремено тој ја искористи приликата да ги повика Москва и Вашингтон да “работат заедно за да создадат атмосфера на доверба која ќе овозможи зголемување на инвестициите и прометот на стоки”.