„Битолска млекара“, членка на Македонско-руската стопанска комора,  донираше пакети со млеко за социјално загрозени семејства, во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на млекото, 1 јуни.
Млекото беше поделено на повеќе од 200 загрозени семејства од повеќе градови од земјата. Партнер во спроведувањето на акцијата е  здружението на граѓани „Вистински дела на љубезност“, кое од 2013 година работи за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и за поединци.
-Одбележувањето на Светскиот ден на млекото е повеќегодишна традиција за нашата компанија, и тоа токму во насока на давање помош и поддршка за повеќе организации и здруженија, водејќи сметка за доброто здравје на сите социјално ранливи категории. Оваа година се одлучивме да се солидаризираме со можеби и најзагрозената категорија граѓани и, искрено, се надевам дека нашата помош е во вистинскиот миг за овие семејства, а ние сме уште посреќни доколку успеавме барем малку да им го направиме денот поубав, –  изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг менаџер во „Бимилк“.
Покрај директната донација за загрозените семејства, „Бимилк“ утре ќе се вклучи и во редовната активност на „Љубезност“ за делење оброци за бездомни лица, која се одржува секоја сабота пред Музејот на Мајка Тереза во Скопје. Компанијата и на овие лица ќе им подели пакети „Битолско млеко“.
-Радува фактот што компаниите сè повеќе се вклучуваат во нашите хуманитарни акции, а уште повеќе што „Битолска млекара“ на комплетно сопствена иницијатива одлучи да ја даде својата солидарност кон овие загрозени семејства. Ние, како здружение, сме во континуирана комуникација со семејствата и свесни сме за неповолната ситуација во која се наоѓаат, така што навистина нè израдува овој несебичен гест. Во „Бимилк“препознавме достоен партнер што искрено ја живее својата општествено одговорна мисија, – вели Тони Станковски, претседател на здружението на граѓани „Вистински дела на љубезност“.