Винарската визба „Тиквеш“, членка на Македонска-руската стопанска комора, откупи 25 милиони килограми грозје од последната берба и во законскиот рок исплати 371 милион денари.

– Минатата година откупивме рекордни 25 милиони килограми по цени над пазарните, бидејќи откупуваме исклучиво високо квалитетно грозје и исплаќаме дополнителни бонуси за екстра квалитет. За нас почитувањето на договорените обврски, особено законската регулатива во овој домен, е императив и затоа со крајни напори успеавме да ги подмириме обврските, иако виното од бербата 2015-та допрва се пласира на домашниот и светските пазари, – вели генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски.

Долгорочна стратешка цел на „Тиквеш“ е добрата соработка со лозарите, во насока на постигнување и одржување на високиот квалитет на грозјето, како предуслов за производство на врвно вино.

Во таа насока, винарницата, долгорочно ќе продолжи да го поддржува производството на грозје со висок квалитет со цел да ја оствари својата заложба за производство на висококвалитетно флаширано вино од Македонија и негова светска промоција.