Винарската визба „Тиквеш“, втора година по ред, е добитник на европската награда „Најкомпанија на годината“, која по 34-ти пат ја доделува регионалната канцеларија за Југоисточна и Средна Европа на Европското здружение на менаџери и списанието „Еуроменаџер“.
Истовремено, генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски е прогласен за „Најменаџер на годината“.
– Наградата е признание за извонредните резултати кои Вие и Вашата компанија ги постигнувате во континуитет. Таа потврдува дека ја заслужувате број еден позицијата во браншата.
Ова меѓу другото е наведено во писмото со честитки од жирито на Европското здружение на менаџери, упатено до „Тиквеш“ и нејзиниот генерален директор.
-Добивме големо призние за нашите досегашни конкретни остварувања во сите сегменти од работењето, но истовремено тоа претставува и нова обврска да создаваме уште повеќе. Наградата е резултат на вложената енергија, знаење и работа на целиот тим на „Тиквеш“ во остварувањето на нашата мисија – во глобални рамки да бидеме препознанени како вистински претставник и предводник на винската индустрија од целиот регион, – изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски во своето обраќање на церемонијата за доделување на наградата која се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина.
За годинешната награда „Најменанаџер и најкомпанија на годината“ беа номинирани над 2.000 менаџери и компании од целиот регион, врз основа на предлозите кои до жири комисијата ги доставуваат досегашните добитници на наградата, стопанските здруженија и комори, како и истакнати поединци од академската и бизнис заедницата од Југоисточна и Средна Европа. Според многумина, оваа награда се вбројува меѓу петте најреспектибилни награди од овој вид во светот.(„Тиквеш“)