По привремениот прекин со откуп поради пренатрупаност со грозје и неопходност од време тоа да биде преработено, винарската визба „Повардарие” од Неготино, членка на Македонска-руска стопанска комора, продолжува со откупување и преработка на грозје од годинешнава гроздоберска реколта, соопштуваат од винарницата.
– Од објективни причини моравме да направиме мал прекин во откупот бидејќи пред винаријата се создаде голема колона трактори кои донесоа грозје. Нашиот капацитет е ограничен во поглед на преработката на грозје и затоа решивме првин да го преработиме грозјето што веќе беше обрано, па потоа да продолжиме со откупот. Како што ветивме, по времениот прекин, додека паѓаше и дожд и бербата беше и природно стопирана, повторно откупуваме грозје, објаснуваат од винарницата.
Нагласуваат дека откупот е со претходна најава за да не се создаваат гужви, а ќе трае се додека има грозје.
Винаријата „Повардарие“ е основана во 1963 година. Како сите останати државни винарии во Македонија во тоа време, основана е за производство на наливно вино. Во 1990-та година винаријата се приватизира, а во 2008-та година српскиот производител на вино и сокови, „Вино Жупа“, го презема раководството со винаријата, купувајќи повеќе од 90% од акциите. Капацитетот на „Повардарие“ е 30 милиони литри, додека сегашното производство е 24 милиони литри. Повеќе од 90% од производството се извезува како наливно вино, а само мал дел од вината се флашира. Голем дел од наливното вино се извезува во Чешка и Словачка и секако, во Србија, од каде што се дистрибуира во останатите земји, а флашираното вино се извезува во Хрватска, Германија и Словенија.
„Повардарие“ произведува вина од неколку различни сорти грозје. Од белите произведуваат „Шардоне“, „Ризлинг“, „Смедеревка“, „Темјаника“ и „Траминец“, но исто така и „Мускат“. Од црвени вина имаат „Каберне совињон“, „Мерло“, „Пино ноар“, туку и „Вранец“, а исто така и „Кадарка“ и „Плавац Мали“. Но, не сите од овие вина се продаваат на македонскиот пазар. „Повардарие“ не поседува свои лозја, па целата потребна и огромна количина грозје, повеќе од 35 милиони килограми, секоја година се купува од кооперанти. Винаријата произведува и ракија – „Лозова жолта“ и ист тип на оваа ракија, меѓутоа зреена во буре, „Стара лозова жолта“. Други производи на винаријата се овошни концентрати за правење овошни сокови (само за извоз).