Црвеното вино „Аминта“ од бербата од 2013 година на македонската винарија „Стоби“ освои златен медал на престижниот регионален натпревар BIWC (The Balkans International Wine Competition) кој се одржа од 26 до 29 мај во Софија, Бугарија.

Станува збор за четврто издание на манифестацијата на која се претставуваат и се оценуваат најквалитетните вина од целиот Балкан, а на едно место во тек на четири дена се собираат реномирани енолози, вински критичари и познавачи.

Виното е дел од новата специјална серија „приватна резерва“ која „Стоби“ ја претстави на крајот на минатата година. Енолозите на винаријата уште тогаш најавија дека „Аминта“ заедно со „Акација“, „Аура“, „Аксиос“,„Вердо“ и „Веритас“ ќе им бидат нови адути на претстојните натпреварувања и вински саеми.

Златото со кое се вратија од Софија е доказ дека се на вистинската патека, а во периодот што следува ќе се појават и на голем број други манифестации од сличен калибар. Инаку освен со златото за „Аминта“, „Стоби“ од Софија се врати и со три бронзени медали – за „Аура“, „Веритас“ и за „Р’кацители“.

Винаријата годишно произведува вкупно 4,5 милиони литри вино, од кои најголемиот дел, односно 75 отсто се пласира на 20 странски пазари. Овој факт ја прави втор најголем извозник на вино во шише од Македонија.

Токму поради продажните бројки кои бележат нагорен тренд како и одличните оценки на винските настани, во план е проширување на производните капацитети на винаријата во следниот период.