Размената меѓу Република Македонија и Руската Федерација до крајот на јули според процентите на раст руши рекорди и бележи високо покачување во сите сегменти.Вкупната размена ја достигна вредноста од 132,8 милиони САД долари (лани во истиот период 93,6 милиони САД долари) и е повисока за 41,9 отсто. Извозот на македонски производи на овој пазар ја достигна вредноста од 29,7 милиони САД долари (лани во седумте месеци 26 милиони САД долари) и бележи пораст од 14 отсто. Во истиот период македонските компании на пазарот на Руската Федерација купиле три патти повеќе стоки отколку што продале и тоа во вредност од 103,1 милиони САД долари, што е висок пораст од дури 52 отсто.
Ваквиот резултат во меѓусебната трговија меѓу Република Македонија и Руската Федерација создава висок трговски дефицит за нашата земја, кој во седумте месеци ја достигнал сумата од 73,3 милиони САД долари.
Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-јули 2017 година, изнесува нешто над 3 милијарди САД долари и бележи пораст од 11.8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,1 милијарди САД долари, што е за 8.0% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари- јули 2017 година, изнесува 1 милијарда САД долари.Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-јули 2017, изнесува 73.7%
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-јули 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.
Обем на размената, I – VII 2017