Актуелната пандемија на коронавирусот направи сериозни пореметувања во секојдневието, а со цел да се спречи ширењето, потребна е сериозна посветеност од сите чинители во општеството, вклучително и од компаниите. „Виталиа“, членка на Македонско-руската стопанска комора,  како бренд кој се грижи за своите потрошувачи и околината, во следниот период бесплатно ќе доставува здрава храна за лицата над 60 години.

-Критичните периоди во општеството бараат од секого од нас да вложи дополнителен напор и енергија за да им помогне на тие што најмногу им е потребно, односно на најранливите категории. Во случајот со коронавирусот, постарите лица, особено тие над 60 години, треба да внимаваат на своето здравје и да направат сѐ што е во нивна моќ за да го зајакнат имунитетот. Несомнено, и целата заедница, вклучително и помладите генерации, треба да покажат повеќе грижа за своите повозрасни сограѓани, без разлика дали се во прашање најблиските од семејството или соседите, – соопштуваат од „Виталиа“.

Со цел да им го олесни пристапот до здрава храна, компанијата во периодот што следува бесплатно ќе ја доставува до сите што имаат 60 и повеќе години.

Нарачките ќе може да се реализираат преку онлајн-продавницата https://www.vitalia.com.mk/mk/products-filter-page или телефонски, на бројот 02 3217 177. Доставата ќе биде на товар на компанијата, а плаќањето ќе може да се изврши со картичка или во готово. Целата територија на земјата е опфатена со бесплатната достава.