Компанијата „Виталиа“, членка на Македонско- руската стопанска комора, донираше пакети здрава храна и заштитна опрема за медицинскиот персонал во Клиниката за инфективни болести во Скопје.
-Секој што припаѓа на медицинскиот кадар во земјава, без разлика дали тоа се доктори, сестри или останати вработени во здравствените установи, се на првата линија на одбраната од корона вирусот. Со нивните непрекинати напори, безрезервен труд и максимално вложување, тие ни даваат пример дека само со меѓусебна поддршка можеме да ја пребродиме оваа кризна состојба. Наша должност е да се грижиме за медицинските работници, онака како што најдобро умееме – со сет од здрави продукти кои ќе им помогнат во одржување на добра психофизичка кондиција како и заштитна опрема која е неопходна во оваа заедничка борба со корона вирусот, -велат од „Виталиа“.
Пандемијата со корона вирусот има глобални размери, но нејзините економски ефекти се чувствуваат и на локално ниво, кај секоја компанија и сите граѓани.
-Овие денови и недели сите споделуваме иста судбина и со заеднички сили водиме битка со невидлив непријател. Ситуацијата во која што се наоѓаме е за сите нас непозната, дури нѐ принудува да држиме растојание и од најблиските, само за да го зачуваме здравјето. Додека сето ова се случува, во период кога границите се затворени, а луѓето не можат да комуницираат како во нормални услови, ние се соочуваме со уникатен предизвик – да продолжиме да го правиме тоа за што сме најподготвени, да обезбедуваме здрава храна за корисниците, да помогнеме секаде каде што можеме, но и да ги заштитиме нашите вработени, – истакнуваат од „Виталиа“.