Во Софија од 8 до 11 ноември 2017 година се одржува „Интерфуд & Дринк 2017“, најголемата саемска манифестација за прехранбена индустрија во Бугарија. Од македонските компании „Витаминка“ од Прилеп, членка на Македонско – руската стопанска комора, и овој пат ги претстави своите производи и производни програми.
Меѓународниот саем за храна, пијалаци, амбалажи и производствени апарати што се одржува секоја година по 16-ти пат, е еден од најпрестижните настани во прехранбената индустрија од Југоисточна Европа. „Витаминка“ секоја година е присутна на овој саем и досегашното искуство ги потврдува предностите и бенефитите од присуството. Преку својата фирма во Бугарија, „Витаминка“ веќе долго работи на афирмација на своите производи на локалниот пазар.
– Секое учество на „Интерфуд & Дринк“ со инкорпорираните презентации, семинари, конференции, деловни состаноци претставува своевидна бизнис платформа за компанијата во годината што следи. Овој саем во својот фокус ги има комуникацијата и соработката меѓу компаниите од сите земји, деловните и трговските делегации, подизведувачи како и колективни странски учества и точно тоа во досегашното наше искуство придонело за конкретни чекори и конкретни резултати од претставувањето тука. Веруваме дека и оваа година на Интерфуд ќе создадеме нови деловни и развојни можности за „Витаминка“ – изјави Љупчо Велески, директор на секторот Извоз во „Витаминка“.
Покрај потенцијалните нови пазари и пласмани, „Витаминка“ со претставувањето на своите производи ќе ја зацврсти позицијата на бугарскиот пазар каде „Чоко Стоби флипс“, „Атлантис“, „Бонитас“, „Кукис“, „Деспина“, „Весели јајца“, „Фрути“ и останатите производи на овој наш најголем кондиторски производител се веќе познати брендови и висококвалитетни производи.