Нето добивката на ПИ „Витаминка“ од Прилеп, членка на Македонско-руската стопанска комора, за три месеци е над 200.000 евра, што е за 54 отсто повисок раст од истиот период лани!
Приходите од продажба достигнале 11,5 милиони евра што е за 13 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Компанијата бележи пораст на продажбата на домашниот пазар, но и на извозот.
На домашниот пазар продадена е стоки во вредност од 7,1 милиони евра што е за 14 отсто повеќе од првите три месеци лани. Извозот до крај на март достигна 4,3 милиони евра и порасна за 421.000 евра односно за 11 отсто.
Оперативните расходи за првите три месеци изнесуваат 11,4 милиони евра. Најголема расходна ставка се трошоците за суровини и други материјали кои изнесуваат 7,6 милиони евра и се за 20 отсто поголеми од претходниот споредбен период. Втора најголема трошочна ставка се платите и надоместоците за вработените кои изнесуваат 1,5 милиони евра.
Оперативната добивка на „Витаминка“ во првиот квартал изнесува 360.000 евра и во однос на истиот период лани е зголемена за 22 отсто.
Финансиските расходи изнесувале 135.000 евра и се значајно поголеми од финансиските приходи иако бележат намалување од 10 отсто во однос на 2020 година.
Компанијата „Витаминка“ покрај тоа што остварува одлични производствени и финасиски резултати е и општествено одговорна компанија. Прилепскиот производител соопшти дека донирал пакети производи за 450 здравствени работници од Инфективната клиника во Скопје, од Модуларниот ковид центар во Штип и од Инфективното одделение од Прилеп, кои секојдневно се вклучени во борбата против Ковид-19.
Здравствените работници, како што се посочува, во пресрет на велигденските празници добиле пакет производи од „Витаминка“ и пакет масло „Брилијант“. Од компанијата велат дека целта на донацијата е да ја искажат својата поддршка и благодарност за пожртвуваноста во негата на пациентите и справувањето со состојбата со пандемијата.
– Здравствените работници во инфективните клиники остануваат нашите херои во целиот овој период. Тие се најмногу изложени на ризик од болеста, а истовремено се единствените што можат да ја дадат негата за болните од Ковид-19. Освен поддршката за нив, што треба да биде постојана, можеме да помогнеме само со нашето одговорно и совесно однесување да се заштитиме и нив да ги поштедиме. Витаминка, својата поддршка ја изразува и преку оваа донација и уште еднаш ја искажува благодарноста за нивната работа и пожртвуваност, велат од компанијата.
Додаваат дека од почетокот на пандемијата три пати донирале пакети со производи за медицинскиот персонал во одделенијата каде се згрижени пациенти со Ковид-19, а во повеќе наврати медицински препарати и заштитни средства за инфективните одделенија.