Прехрамбената индустрија „Витаминка“ од Прилеп стана петнаесетта членка во „Македонски дом“ во Москва, компанија формирана за зголемување на извозот на македонски производи на рускиот пазар.За деталите околу новата форма на настап на Рускиот пазар на реномирана кондиторска компанија од Прилеп, која во своето портфолио има над 350 производи, беа водени разговори при посетата на м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора на „Витаминка“ и разговорите водени со генералниот директор Сашо Наумоски и директор за извоз, Љупчо Велески.

-Одредени количини на производи на „Витаминка“ веќе се наоѓаат на рафтовите во маркетите во Русија, но со нашето појавување во „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва очекуваме нашиот извоз значајно да се зголеми.На почетекот тргнуваме со сертифицирање на дваесетина производи од нашата производна палета и во зависност од интересот на руските трговци ќе го зголемуваме бројот на производи што ќе го нудиме на овој пазар. – истакна Сашо Наумоски.
Додека „Витаминка“ ги подготвува мострите за „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва истовремено се товараат и првите контејнери за извоз во Кина и за дел од земјите од африканскиот континент.Со тоа, прилепската прехрамбена индустрија со своите производи станува се поприсутна во земјите од БРИКС.

-Извезуваме во повеќе од 35 земји.Деновиве заминаа и првите 25 контејнери за Либија, а извозот тргнува и во Катар и Кенија, – спомена Љупчо Велески. – Сепак, најголеми купувачи на нашите производи се земјите од регионот.Предничат, Косово со учество од 50 отсто во нашиот извоз и Хрватска со 20 отсто.Вкупно 80 отсто од нашиот пласман во странство оди на пазарите во земјите од регионот, но веќе тргнавме во дисперзирање на извозот и во тие рамки е нашата заинтересираност за рускиот пазар.
Половината од производството на „Витаминка“ оди на странските пазари, а компанијата остварува годишен приход од 28 милиони евра.
-Партнерскиот проект на Македонска-руската стопанска комора со „Македонски дом“ во Москва, кој е сместен во огромниот трговски комплекс „Фуд сити“ е токму покренат за да го олесни влезот на македонските компании на рускиот пазар, и тоа веќе се остварува со испораката на првите шлепери со домашни производи кои за прв пат се појавуваат во трговските маркети во Русија, – истакна м-р Дејан Бешлиев.
Саво Пејчиновски