Со големиот асортиман, разните производи, широкиот спектар производни програми, ПИ „Витаминка“ од Прилеп, членка на Македонско-руската стопанска комора, се претставува на најголемите саеми и со тоа ја продолжува потрагата по нови пазари. Саемот за кондиторски производи во Дубаи, Yummex е еден од најреномираните специјализирани саеми за кондиторија во организација на Koelnmesse, затоа што директно го отвора патот кон азиските земји, што претставува голем и растечки пазар. Голем дел од асортиманот на компанијата, почнувајќи од оние производи што се посебно интересни за странските пазари, слатката и солената програма беа изложени на штандот на „Витаминка“ каде посетителите имаа можност да се запознаат и да ги пробаат. Производите на компанијата, посебно новитетите веќе ги предизвикаа првите позитивни импресии.

-Yummex е најголем настан во индустријата за слатки и солени производи во Средниот Исток, каде се поврзуваат таргетирани производители и добавувачи и се презентираат најновите алатки за подобрување на бизнисот во производство на кондиторски производи. Онака како е конципиран го препознава зрелиот деловен потенцијал во регионот како водечки меѓународен центар за производство и преработка за да и служи на глобалната меѓународната побарувачка. Во таа насока и присуството на секое издание на овој саем е потребно и клучно за развој на бизнисот, – изјави Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“.

Во рамки на саемот беа одржани и две панел конференции на кои претставници од Euromonitor, Nielsen, Carrefour, Hershey говореа за најновите трендови во оваа индустрија.

Со непосредна презентација на квалитетот на своите производи, „Витаминка“ неодамна се претстави и на саемот за храна и пијалаци, „Ануга 2019“  којшто се одржува во Келн, Германија. Покрај главното саемско претставување, „Ануга“ нуди дополнителни активности и содржини, што го прави атрактивен не само за изложувачите, туку и за сопственици на малопродажни ланци, произведувачи на полупроизводи, трговци но и граѓани.