Трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската федерација до крајот на јули годинава е за 25 милиони долари повисока отколку во истиот период од минатата година.Компаниите од двете земји за седум месеци истргувале стока во вредност од 131,1 милиони САД долари (лани во истиот период 106 милиони САД долари) што е раст од 23,7 отсто. Македонскиот извоз за седум месеци од годинава е повисок за четвртина (25,4 отсто). На рускиот пазар пласирана е стока во вредност од 33,1 милиони САД долари (лани 26,4 милиони САД долари). И македонскиот увоз бележи пораст од 23,1 отсто. Од руските компании купена е стока за близу 100 милиони долари (поточно 98 милиони САД долари) додека лани во истиот период увозот изнесувал близу 80 милиони САД долари (79,6 милиони САД долари).

Македонија во овој период од годинава бележи тррговски дефицит со Руската Федерација во висина од 64,8 милиони САД долари.

Со ваквите резултати во размената, Руската Федерација во овој период е 16 трговски партнер на земјава.

Според претходните податоци на македонскиот Државен завод за статистика, пак, вкупната размена на Република С. Македонија со светот за седум месеци ја достигнала вредноста од 7,8 милијарди САД долари. Притоа, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 3,297 милијарди САД долари и бележи пад од 21.4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,5 милијарди САД долари, што е за 17.3 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

 Трговскиот дефицит на земјава, во перидот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 1,2 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 73.1 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ јули 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.(С.П.)