Во август годинава во Република Македонија престојувале само 551 гостин од Руската Федерација.Тоа не е ниту 1 отсто (поточно 0,9 отсто) од вкупниот број на туристи што ја посетиле земјава.
Русите кои престојувале во земјава во овој месец оствариле 1972 ноќевања, што е 1,3 отсто од вкупниот број на туристички ноќевања во август во Република Македонија.Тоа значи дека руските туристи во просек ноќевале по 3 ноќи и престојувале по 4 дена. Овие бројки се се уште мали и безначајни и покажуваат дека македонските туристички работници се уште малку обрнуваат внимание на големиот туристички руски пазар, на кој постои значајна и потрошувачки настроена клиентела.Убав пример на ваквото тврдење се бројките на руски туристи и сумите што ги имаат потрошено кај македонскиот јужен сосед – Република Грција, земја која многу добро се снајде во регрутирање на туристи од Руската Федерација по политичките заладувања на оваа земја со Турција и Еипет.
Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, бројот на туристите што престојувале во земјава во август 2016 година изнесува 156 763, а бројот на ноќевањата изнесува 694 641.
Бројот на туристите во август 2016 година, во однос на август 2015 година, е намален за 7.2%, а бројот на ноќевањата е намален за 3.9%.
Бројот на домашните туристи во август 2016 година, во однос на август 2015 година, е намален за 4.5%, а бројот на странските туристи е намален за 10.9%.
Бројот на ноќевањата на домашните туристи во август 2016 година, во однос на август 2015 година, е намален за 0.7%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 13.8%.
Во периодот јануари-август 2016 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 4.1% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 3.5%, а кај странските има зголемување за 4.5%.
Во периодот јануари-август 2016 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 1.8% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2.4%, а кај странските има зголемување за 0.8%.