Македонија во април ја посетиле само 434 руски граѓани, со што продолжува трендот на слабата посета на туристи од оваа земја. Овој број не е ниту 1 отсто (или поточно 0,9 отсто) од вкупниот број на туристи што ја посетиле земјава во четвртиот месец од годинава.Руските туристи имале во просек и кус престој – тие реализирале само 1011 ноќевања, што е 1,2 отсто од вкупниот број на ноќевања што го направиле странските туристи во Македонија во април месец.

Најголем број на туристи во земјава во овој месец дошле од Босфорот.Македонија ја посетиле над 10.446 Турци, следат по 4000 Бугари и Грци, над 3000 Срби, а бројни биле туристите од азиските држави, како и од Германија, Хрватска, Косово, Албанија,…

Државниот завод за статистика соопштува дека бројот на туристите во Република Македонија во април 2017 година изнесувал 68 047, а бројот на ноќевањата изнесувал 140 081. Бројот на туристите во април 2017 година, во однос на април 2016 година, е зголемен за 18.4%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 18.6%.

Бројот на домашните туристи во април 2017 година, во однос на април 2016 година, е зголемен за 15.8%, а бројот на странските туристи е зголемен за 19.6%.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во април 2017 година, во однос на април 2016 година, е зголемен за 15.0%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 21.1%.

Во периодот јануари – април 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 10.7% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 9.4%, а кај странските има зголемување за 11.4%.

Во периодот јануари – април 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 9.8% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 3.4%, а кај странските има зголемување за 14.6%.