Обемот на трговската размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација во првата половина од годинава изнесувал 72.356 илјади САД долари и опаднал за 36,6 отсто во однос на истиот период од минатата година!
Ова го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија за обемот на стоковната размена на земјава со странство. Со Руската Федерација опаднал и извозот и увозот.Во овој период од годинава македонските компании во Русија извезле стоки во износ од 22.645 илјади САД долари или за 37,6 отсто помалку отколку во истиот период од 2015 година. Увозот опаднал помалку.Во првите шест месеци тој изнесувал 49.711 илјади САД долари, што е опаѓање за 21,1 отсто.
Инаку, претходните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-јуни 2016 година, изнесува 2 275 485 илјади САД долари и бележи пораст од 4.1% во однос на истиот период од претходната година, а вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 253 954 илјади САД долари, што е за 4.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2016 година, изнесува 978 469 илјади САД долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-јуни 2016, изнесува 70.0%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина,
необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-јуни 2016 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија.