Руското министерство за економски развој одби да ја легализира он-лајн продажбата на цигари, објаснувајќи ја одлуката со борбата против пушењето, соопштува рускјото издание “Известија”.

Весникот забележува дека пред една година Министерството за економски развој настојувало да биде дозволена интернет продажбата на широк спектар на производи, како што се тутунот, лековите без рецепт, алкохолот и бижутеријата. Сега, Министерството за економски развој одлучи дека нема да ја укинува забраната за он-лајн продажба на тутунски производи. Каналите за трговија со цигари нема да бидат проширени, прво и основно заради борбата против пушењето, велат од Министерството за “Известија”. И нагласуваат дека секогаш се залагале за развојот на он-лајн продажбата.

Што се однесува до цигарите, земени се во предвид различни позиции и аргументи, вклучувајќи ги мерките за ограничување на пушењето и социјалната страна на проблемот.

Според „Известија“, Министерството за економски развој продолжува да ја поддржува идејата за легализација на он-лајн продажбата на алкохол. Се очекува наскоро на интеренет да започне да се нуди вино и пиво.

Претседателот на Националната асоцијација за интернет трговија, Александар Иванов смета дека е нерентабилно да се продаваат производи од тутун на интернет.

Од Imperial Tobacco, пак, коментираат дека треба да се разгледа можноста за продажба на цигари преку вендинг машини, бидејќи современите технологии за идентификација овозможуваат возраста на корисниците да се контролира поефикасно отколку што тоа се случува сега на пазарот.