Министерството за финансии на Руската Федерација подготви нацрт закон со кој се предвидува воведување на кривична одговорност за увоз производи кои се под санкции. Документот предвидува дополнување на Кривичниот закон на Руската Федерација со нов член 226 точка 2, кој предвидува кривична одговорност поврзана со прекршување на таквата забрана за правни лица и индивидуални претприемачи.
Во моментов, во Кривичниот закон во член 226 точка 1, се предвидени казни за шверц, особено на отровни, експлозивни, радиоактивни материи, оружје, оружје за масовно уништување, стратешки стоки и културни вредности. Незаконскиот пренос преку границата на овие стоки наведени во споменатиот член од Кривичниот законик е казниво со затвор од 3 до 7 години и  со парична казна од 1 милион рубли. Ако кривичното дело го сторила група луѓе, казната затвор е повисока – во овој случај извршителите може  да “седнат” во затвор од 7 до 12 години. Кривичната одговорност за увозот во Руската Федерација на “санкционираните производи” не се однесува на физички лица, велат од Министерството за финансии.
Во законот се предлагаше истите правила да се применуваат на увозот на стоки, чија циркулација е забранета во Русија, особено на  “производи под санкции” и нивна продажба на големо (повеќе од 1 милион рубли). Подоцна во Министерството беше објаснето дека кривичната одговорност за увоз во Руската Федерација на “производи под санкции”  нема да  се однесува на физичките лица.
Државната дума веќе информираше  дека ќе го поддржи законот. Според Михаил Јемељjанов, првиот заменик – претседател на Државната дума за правосудство и законодавство, пратениците се заинтересирани руските контрамерки да функционираат и да носат резултати.
-Покрај ефектот во надворешната политика, притисокот врз нашите противници  има и свој економски аспект, – вели рече парламентарецот.
Од воведувањето на ембаргото за  увоз на храна во Русија на голем број производи од Европа, САД и други земји кои ги поддржаа санкциите против Руската Федерација, руските власти се обидуваат целосно да го блокираат увозот на овие производи. Во 2015 година, владата дозволи уништување на ваквата запленета  храна со цел  да го направи тоj увоз економски непрофитабилен. Според Россељхознадзор, само за периодот од 7 до 13 ноември годинава, биле уништени 22 тони производи кои биле забранети за увоз во Русија.
Сепак, руските продавачи се обидуваат да ја заобиколат забраната, увезуваат забрането месо, сирење и други млечни производи, како и зеленчук и овошје. Сето ова се увезува преку трети земји, таму се менува пакувањето и етикетите или едноставно само се менуваат документите. Така, во продавниците на Руската Федерација има “белоруски” ракчиња, остриги и фуа-гра. И понудата на јаболка од Белорусија е неколкупати поголема од нивната берба годинава.
Россељхознадзор, исто така, се обидува да го спречи ова. Од време на време, голем број на компании и имиња на производи од Белорусија се предмет на забрана за увоз во Руската Федерација, бидејќи се работи за ребрендирани  “производи под санкции”.Контролата  и заплените потоа продолжуваат и на полиците во руските продавници. Неодамна, на пример,  Россељхознадзор  апелираше кај обвинителот со барање да се координира инспекцијата во компанијата “Алгој” по откривањето во продавниците  “Метро” на санкционираното сирење со сина мувла “Дорблу”. Според информациите на одделот, оваа компанија не е производител на сирењего и се занимава исклучиво со негово пакување. А, пак, од „Метро“ изjавиле дека тие  ги добиле од компанијата сите документи кои го потврдуваат производството на ова сирење во Русија.
Од друга страна, многу експерти имаат негативно мислење за „акцијата“ на државата.  “Нема да има ништо добро”, изјавува Алексеј Петрополски, генерален директор на правната компанија УРВИСТА. Сега активно се применува членот 194 од Кривичниот законик, во коj е  предвидено за неплаќање на царина –  што, како правило го применуваат продавачите на “производите под санкции”  –  да се изрече казна затвор во траење од 7 до 12 години. Со оглед на тоа што поединец не може тоа да го прави сам, се додава член 210 (организација на криминална група), со кој казната се  зголемува до 20 години.
-Значи, условно кажано, ако увезеш сирење за 20 милиони рубли, што не е многу за овој бизнис, може да одиш во затвор на 20 години, – објаснува експертот.
Според него, казната за економските казниви дела треба да се ублажи, особено кај делата  со кои не се загрозуваат животот и здравјето  на луѓето пропишани со Кривичниот закон на Руската Федерација.
 -Особено храната не е толку профитабилен бизнис и со неа не  можете да станете олигарх.Меѓутоа, може да добиете таква казна кај која потоа помилувањето е невозможно. И кој ќе прави бизнис во Русија?  –  прашува тоj.
Кривично гонење за незаконски увоз на “производи под санкции” може да се практикува успешно од страна на царинските органи.
-За успешно гонење може да се применуваат постојните практики за гонење за шверц на одредени стоки, – смета активистот за човекови права и адвокат,  Александр Хуруджи. – Со казната за увоз на “производи под санкции”  кои се наведени во Кривичниот закон,  нема да може да избегаат  и оние кои користат обиколни начини за увоз  преку трети земји,  или тоа го прават под маската на одобрени производи и слично.
-Со соодветна идентификација и документирање на предметот кој го опфаќа кривичното дело, виновникот ќе биде казнет,  – уверува експертот.
Cпоред мислењето на членот на одделот  на московскиот Совет “Поддршка на Русија”,  Дмитриj Несветов, тешко е однапред да се проценат овие измени и нивното влијание.
 -И покрај фактот дека прашањето за санкциите е политички мотивирано, тоа сепак влијае и на  економските механизми. Откако економските процеси почнуваат да се управуваат со помош на кривичното право, ние гледаме “илузија во  огледалото”- тврди тој. –  Дури и во советско време, за економски криминал не судеа со  политички критериуми. Во принцип, ние можеме да се соочиме со лош преседан, коj негативно влијае врз бизнисот и економијата во целина и  ја нарушуваат бизнис и инвестиционата клима во земјата, заклучи Несветов.