Во септември годинава во Република Македонија престојувале само 470 гости од Руската Федерација.Тоа не е ниту 1 отсто (поточно 0,8 отсто) од вкупниот број на туристи што ја посетиле земјава.
Русите кои престојувале во земјава во овој месец оствариле 963 ноќевања, што е 0,7 отсто од вкупниот број на туристички ноќевања во август во Република Македонија.Тоа значи дека руските туристи во просек ноќевале по 2 ноќи и престојувале по 3 дена. Овие бројки се се уште мали и безначајни и покажуваат дека македонските туристички работници се уште малку обрнуваат внимание на големиот туристички руски пазар, на кој постои значајна и потрошувачки настроена клиентела.
Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во Република Македонија во септември 2016 година изнесува 84 018, а бројот на ноќевањата изнесува 197 122.
Бројот на туристите во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, е зголемен за 6.1%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 7.0%. Бројот на домашните туристи во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, е зголемен за 22.7%, а бројот на странските туристи е зголемен за 0.9%.
Бројот на ноќевањата на домашните туристи во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, е зголемен за 21.9%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 1.1%.
Во периодот јануари-септември 2016 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 4.3% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 4.8%, а кај странските има зголемување за 4.0%.
Во периодот јануари- септември 2016 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 2.3% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 3.3%, а кај странските има зголемување за 0.8%.
Најбројни се Турците, а освен гости од соседството, Македонија ја посетиле и голем број Германци, Британци, Пољаци, Холанѓани, Италијанци, Кинези и други.Најмногу посети се регистрирани во езерските места и во Скопје.