„За виното во хармонија со природата“ е мотото под кое во Кавадарци се одржа 13. Фестивал на младо вино во организација на најголемата винарница во Македонија „Тиквеш“, членка на Македонско-руската стопанска комора.
Настанот традиционално се одржа во кругот на ВВ „Тиквеш” (19.11.2022), присуствуваа бројни гости, љубители на виното и деловни партенри од земјата и од регионот, каде што македонските вина се извезуваат.
Присутните можеа да ги дегустираат вината од последната берба, односно младото вино.
Претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски, истакна дека на овој фестивал се прославува виното и се согледуваат резултатите од последната гроздоберска сезона.
– „Тиквеш” е македонски вински амбасадор во светот. Успеавме да направиме прекрасни вина. Има прекрасни ноти кои треба да ги препознаете. Ние сме одговорна компанија, заедно со лозарите разговараме за успех. Работиме на иновации, инвестираме во зелени проекти и зелена енергија, сертифицирани лозја за органски производи. Сето ова ми дава за право да кажам дека сме зелена винарија и во целосна хармонија со природата. Искуството ќе го споделиме со другите, за младите да останат овде и за иднината – изјави Јаневски.