На почетокот од годинава вкупниот обем на трговската размена меѓу земјава и Руската Федерација порасна за 82,8 отсто.Притоа, процентуално македонскиот извоз е повисок за 15,7 отсто, додека увозот е речиси двојно поголем – пораснал за 97,3 отсто.
Вредносно македонските компании пласирале стока на овој пазар осум пати помалку одколку што увезле.Во јануари 2020 година компаниите од двете земји истргувале стока во вредност од 26,7 милиони САД долари (лани во јануари 14,6 милиони САД долари). Вредносно македонскиот извоз изнесувал 3 милиони САД долари (лани во јануари 2,6 милиони САД долари). Од Русија во овој месец е увезена стока за 23,7 милиони САД долари (лани во јануари 12 милиони САД долари).
Во првиот месец од годинава трговскиот дефицит на земјава во трговијата со Русија достигнал бројка од 20,7 милиони САД долари.
Според претходните податоци на македонскиот Државен завод за статистика, пак, вкупната размена на земјава со светот во првиот месец од годинава достигнал вредност од 1,14 милијарди САД долари.Притоа, во јануари 2020 година, извозот изнесувал 507,3 милиони САД долари и бележи пораст од 7.0 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувала 635,5 милиони САД долари, што е за 2.3 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Вкупниот трговскиот дефицит, во јануари 2020 година, изнесувал 128,2 милиони САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.
Во јануари 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Кина, Србија и Грција.