Руски “Газпром” ја забрзува изградбата на “Турски поток” и веќе ги започна и работите на вториот крак, кој според планот е наменет за европскиот пазар. Тоа го соопштува “Ведомости”, повикувајќи се на свој извор.
Според податоците на изданието, веќе се положени цевки во должина од 20 до 25 километри од вториот крак.
Според планот “Турски поток” треба да биде со два крака и со капацитет од по 15,7 милијарди кубни метра гас годишно. Првиот крак е наменет за турските корисници на рускиот гасен гигант. Вториот крак е наменет за клиентите на “Газпром” во Европа, но во оваа фаза се уште не е јасно каде ќе продолжат цевките откако ќе излезат на турскиот брег, иако и Република Македонија се надева дека ќе биде транзитна земја.
Првичните планови беа Европа да купува гас од “Турски поток” од гасен центар на границата меѓу Турција и Грција.Но, последниве денови беа потпишани неколку договори за изградба на објекти кои ја повторуваат трасата на “Јужен поток”, но овој пат од Турција, преку Бугарија, Србија и Унгарија до гасниот центар Баумгартен во Австрија.
До овој момент “Газпром” официјално го најави почетокот на изградбата на првиот крак на “Турски поток”. Пред неколку недели министерот за енергија на Русија, Александар Новак објасни дека се положени цевки на 50 километри од трасата, чија должина е над 950 километри. Меѓутоа, влезната точка на турскиот брег се уште нема Оценка за влијанието врз животната средина, соодветно и дозвола за градба.