Главниот проблем на руските претпријатија е барањето специјалисти во инженерската област, изјави првиот човек на „Роструд“, Всеволод Вуколов.
-Претпријатијата не можат да најдат специјалист во инженерската гранка, не можат да најдат имено специјалист во сферата на производствениот блок. Затоа, се разбира, од моја гледна точка, неопходно е да се посвети внимание на подготовката на специјалисти токму во сферата на производството“, изјави Вуколов на Петербуршкиот меѓународен економски форум (ПМЕФ 2017).
Вуколов истакна дека главна задача во моментов претставува зголемувањето на ефикасноста на трудот. Во врска со тоа неопходно е да се врши преквалификација на луѓето од оние професии со кои е тешко да се најде работа. Тоа, на пример, се економистите и менаџерите.
Во април Министерството за труд на РФ ги наведе специјалностите кои ќе бидат најбарани во 2017 година. Меѓу најбараните професии се: правниците, лекарите, работници во IT-секторот, како и специјалисти во сферата на градбата, транспортот и индустријата. Работодавците почнаа почесто да одбиваат менаџери и бизнис административци, како и претенденти на раководни функции во бизнис структурите, пренесува „Лента.ру“.
Руското Министерство за труд редвно објавува и список на занимања со кој на странските државјани им дава право да добијат државјанство на Руската Федерација во поедноставена процедура. Според одредбите од законот за државјанство, поедноставена процедура за добивање државјанство подразбира помалку бирократски препреки и поблаги барања за кандидатите. Сега, на оние што се квалификувани за ваквите занимања ќе им биде доволно да работат на територијата на Русија три години, да се откажат од државјанството на другата земја (доколку поседуваат такво) и да имаат законски приходи. Исто така ќе им биде потребно и познавањето руски јазик.
Министерството за труд на Руската Федерација на својот сајт објаснува дека на списокот се наоѓаат оние занимања, кои според мислењето на руските власти, моментално се дефицитарни.
Занимањата кои се на списокот во најголем дел се поврзани со две сфери. Една од нив е медицината. Се бараат речиси сите профили лекари (од лекари по општа практика до физијатри кои се специјализирани за лекување туберкулоза), како и медицински сестри, акушерки и ветеринари. Другата група ја сочинуваат различни технички струки: инженери, техничари, металостругари, заварувачи, електричари.