Претседателот на руската централна банка, Елвира Набиулина оценува дека има стабилна и подобра перспектива за идното движење на инфлацијата во земјата што ќе им овозможи на институцијата да започнат со поголемо парично олеснување без да ја изложува   финансиската стабилност на ризик, пишува Bloomberg.

Задржувањето на каматните стапки без промена во подолг период ја зајакнува довербата дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува, рече Набиулина на Банкарски конгрес во Москва. Дури и при ваква ситуација, сепак, таа предупреди дека еднократни фактори и зафати се во голема мерка причина за последното забавување на растот на цените, но не се гарантира продолжување на намалувањето на инфлацијата.

-Ако има стабилен пад на инфлацијата и на инфлациските очекувања, на Централната банка на Руската Федерација ќе и се овозможи поактивно во иднина да ја намалува основната каматна стапка без да создава ризици за финансиската стабилност, – рече Набиулина. – Постигнувањето на целната инфлација од 4% во 2017 година не е сосема реално, но е витално.

Со ветувањето дека ќе им овозможи на банките поголеми олеснувања во подоцнежните фази, Набиулина се обидува да го смали притисокот врз централните банкари за промена на каматните стапки со цел помагање на економијата погодена од рецесијата.

Инфлацијата во земјата во овој период оствари најспора стапка на раст во последните речиси две години, потсетува новинската агенција. Централната банка на Русија, сепак, ја задржи својата основна каматна стапка на ниво од 11%, и тоа од јули месец наваму. Економистите прогнозираат намалување за вкупно три процентни поени во текот на следната година, базирана на истражувањето на Bloomberg.

Намалување на цените на нафтата и падот на рубљата ги зголемија инфлациските ризици во Русија. Иако годишната инфлација забави побрзо од очекуваното во март, достигнувајќи 7,3%, таа сеуште е многу над целното ниво на Централната банка.Таа призна дека растот на цените може да се намали дури на крајот на 2017 година како резултат на стабилизирање на цените на пазарите на суровини и на валути. Набиулина рече дека ризиците од фискалната политика предизвикуваат особени проблеми за Централната банка.

Рубљата забележа раст во последниве недели поради заздравувањето на цените на суровата нафта. Руската валута поскапе за над 8% во однос на доларот оваа година, и забележа   трет најдобар резултат меѓу 24 валути на земјите во развој, покажуваат податоците на Bloomberg.

-Во сегашните услови на структурни промени на руската економија монетарната политика на централната банка се стреми главно да ја ограничи инфлацијата , – рече Набиулина. – Јасно е дека усвоивме мерки за намалување на инфлацијата, додека во исто време го следиме нивното влијание врз економскиот раст и финансиската стабилност.