Фармацевтската компанија „Реплек фарм“ во која има вложено и австриски капитал е одличен пример за успешна странска инвестиција, беше подвлечено на  прес – конференција по повод 20 години од постоењето на оваа фармацевтска компанија (19.11.2021 година). Во посета на „Реплек фарм“ по повод годишнината беше и австрискиот амбасадор во република Северна Македонија, Н.Е. Георг Вуцас кој ги посети производните капацитети. Георг Вуцас и Душан Пецовски, новиот генерален директор на компанијата,  најавија нови можности за соработка меѓу двете земји. „Реплек Фарм“ произведува 200 производи – генерички лекови и разни фармацевстки производи, извезува во 26 земји ширум светот и има 400 вработени.

Амбасадорот Георг Вуцас нагласува дека Австрија е еден од најголемите поддржувачи на македонската економија, австриските инвеститори се едни од оние кои остануваат во Македонија и даваат додадена вредност на компаниите, а „Реплек фарм“ е одличен пример за тоа.

-Ќе ги повторам пораките и на австриските власти а тоа дека на политички план Австрија е еден од најголемите поддржувачи на Македонија за влез во ЕУ и се надева дека Северна Македонија што поскоро ќе биде дел од Европската Унија. Треба секако да се зголеми и унапредување на соработката меѓу двете земји, за која што јас лично ќе се вложам, како што е примерот со „Реплек фарм“, порачува австрискиот амбасадор.

Новото раководство на „Реплек фарм“ се залага за унапредување на соработката меѓу австриското и македонското стопанство и индустрија. За ваквата соработка постои голем интерес од двете страни, а веќе се започнати и преговори.

„Планираме капитални инвестиции во нашите капацитети кои ќе вклучат австриски компании, ресурси и know-how, пласман на нашите производи во Австрија како и пласирање на австриски производи на македонскиот пазар. За оваа соработка да биде уште посилна и постабилна, секако е потребна и добредојдена поддршката на австриската амбасада како и стопанските комори на двете земји. Продолжуваме да растеме, се модернизираме и посветено работиме на остварување на нашата цел“, вели Душан Пецовски.