Започна бербата на преспанското јаболко кое е застапено на околу 4.000 хектари.  Годинава се очекуваат рекордни околу 150.000 тони.  На отварањето на манифестацијата  „Преспанскиот јаболкобер“ првите јаболка ги откинаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, евроамбасадорт Самуел Жбогар, амбасадорката на УНДП, Луиза Винтон и градоначалникот на општина Ресен,  Живко Гошаревски.
– Со децении наназад Преспанци од овој ден се преселуваат во своите овоштарници за навреме да го приберат годишниот род на јаболка, кој според земјоделските стручњаци, есенва ќе биде со рекордна реколта. Се очекува да се наберат околу 150.000 тони од кои околу 60.000 тони ќе биде индустриско, – вели  градоначалникот Живко Гошаревски.
Капацитетите на општинскиот дистрибутивен центар ќе бидат максимално исполнети со откупени 5.000 тони јаболка, но се потребни уште вакви капацитети за обезбедување пласман на јаболкото, што е еден од најголемите проблеми.
– Нашето јаболко, покрај на Рускиот и на пазарот на Блискиот исток,  ќе заврши и на европските пазари. ЕУ фондовите со нивната финансиска помош ќе придонесат за модернизација и осовременување на јаболковите насади, изградба на ладилници за складирање и калибраторски системи преку кои ќе се стандардизира пакувањето и ќе се постигне повисока цена за јаболкото, додава Гошаревски.
Ресорниот министер посочува дека се анализираат состојбите со индустриското јаболко и  дека се ќе биде превземено за  да не се  остават производителите сами на себе.
– Поради штетите од невремето ќе има поголема количина на индустриско јаболко. Знаеме дека капацитетите за складирање 20.000 тони индустриско јаболко се мали. Владата ќе носи мерки и политики за откуп на индустриското јаболко во интерес на сите, –  споменува ресоирниот министер, Љупчо Николовски.