Привремената забрана за извоз на македонски земјоделски производи во Русија сè уште трае и тоа предизвикува значителна штета врз македонското стопанство. Штети трпат и компаниите кои извезуваа во Русија. Според проценките загубите поради поранешни ненаплатени побарувања изнесуваат од 2 до 3 милиони. Од Македонско-руската стопанска комора велат дека штетите не се само финансиски и се чувствуваат многу подлабоко во економијата. Огромен дел од македонските земјоделски производи се пласираа на огромниот руски пазар, кој во меѓувреме стана недостапен.

– Привремената забрана за извоз на македонски земјоделски производи во Руската Федерација сè уште трае и тоа секако предизвикува значителна штета на македонското стопанство. Штетите не се само финансиски, иако секако се важни. Тие се одразуваат многу подлабоко. Општо е познато дека огромен дел од македонските земјоделски производи се пласираа на огромниот руски пазар. Во меѓувреме тој пазар стана недостапен. Истите тие производи, сега завршуваат само делумно на други пазари, но тоа не е ни оддалеку доволна супституција и затоа имаме состојби за пропаѓање на плодовите по македонските ниви и плантажи. Со тоа трудот на македонските земјоделци и нивната егзистенција стана се понеизвесна, изјави за весникот „Вечер“, Дејан Бeшлиев претседател на Македонско – руската стопанска комора.

Според него, овие две години ни покажуваат дека не е лесно да се најдат нови пазари. Економската логика е дека кога се освојува пазар, борбата е и да се задржи истиот. Не постои во моментов категорија да некој го загубил својот пазар па ние да го најдеме и веднаш да извезуваме и заработуваме.

Од Македонско-руската стопанска комора велат дека како главна причина за моменталната времена забрана е наведено дека кај македонските производи беше пронајден инсект (мраморен) кои предизвикува штета на плодот и со тоа може да влијае на здравјето на луѓето.

-За надминување на таквата состојба во Министерството за земјоделство беше организиран тим во кои бевме поканети и ние како Комора да направиме акциски план за спроведување на акција за отстранување на овие штетници, со што би се покажало на одговорниот орган во Русија т.е. Россељхознадзор, дека се преземени сите мерки потребни за решение на оваа состојба. Засега има делумен успех, бидејќи неколку земјоделски производи, основни и индустриски, добија зелено светло за извоз. Сепак, привремената забрана сè уште останува за производите носители на македонскиот извоз, јаболка, праски, нектарини, кајсии итн., додаваат од Македонско-руската стопанска комора.

Од компаниите кои извезуваат на рускиот пазар велат дека имаат загуби поради ненаплатени побарувања во минатото, но и поради тоа што во моментов речиси да немаат извоз.

-Во моментот уште трае забраната за извоз на земјоделски производи во Русија со тоа што веќе една година нема никаков извоз на свежо овошје и зеленчук, на преработки од овошје и зеленчук. Се извезува, но тоа е многу малку со оглед на тоа што пазарот и потенцијалот е огромен, но немаме развиено механизми во делот на сигурната наплата затоа што во минатото многу наши фирми не успеаја да си ги наплатат своите побарувања од компании кои увезуваат во Русија свежо овошје и зеленчук. Се проценува дека загубите во минатите соработки е околу 2-3 милиони евра на компаниите кои извезуваа на тој пазар, изјави за весникот ВЕЧЕР, Миле Цеков, стопанственик чија компанија извезуваше земјоделски производи на рускиот пазар.

Тој смета дека е потребно повторно да се активираат економските промотори кои ги имавме како држава и да дејствуваат во подобрување на економските соработки со Русија затоа што потенцијалот е огромен, но ризичен.

Бешлиев вели дека постојат отежнати услови за реализација на финансиски трансфери по однос на наплата, но голем дел од претпријатијата кои имаат валидни договори со своите партнери ги реализираат своите побарувања.

-Ние како институција во комуникација со партнерски стопански комори од Руската Федерација стоиме на располагање да помогнеме на оние компании кои имаат ваков вид на проблеми. Во овие услови на отежната меѓудржавна комуникација, ние како Македонско-руска стопанска комора се обидуваме да ги одржиме економските линкови со бизнис-заедницата на двете земји. Ова од причина што според нас бизнисот секогаш треба да ја држи отворена вратата која во иднина ќе биде важна за враќање на соработката на ниво од пред 2022 година и да помогне за зголемување на трговската размена. Ги повикувам оние компании кои сметаат дека можат да ја искористат нашата помош да ни се обратат, со цел изнаоѓање на решение за наплата на нивните побарувања, додава Бешлиев.

Тој додава дека со истиот проблем се среќаваат сите економии кои се слични на нашата, а кои извезуваат во Руската Федерација

Извозот во Руската Федерација во моментот е базиран на неколку индустриски гранки, фармација, преработувачка индустрија и винска индустрија, односно тоа се носители кои сè уште ја одржуваат економската врска со економските партнери од Руската Федерација.

Според официјалните статистички податоци за последните три години, односно 2021, 2022 и 2023 извозот во Русија се намалил од 48.330.075 евра на само 11.855.780 евра во првите три месеци од 2024 година. Мала отстапка има во 2022 година кога имаме  51.651.698 евра, а порастот се должи на зголемените цени на енергентите и тогашниот сеопшт ценовен шок со почетокот на кризата во февруари 2022 година.(„Вечер“)