Македонско-руската стопанска комора наскоро ќе отвори македонски изложбено-трговски дом во Москва. Тој ќе биде сместен во комплексот „Фуд сити“ во Москва, трговски град на деведесетина хектари, во кој се лоцирани сите што тргуваат со руските увозници и дистрибутери. Што ќе значи овој дом за македонските компании и за нивниот настап на пазарот на Руската Федерација, какви се потенцијалите за извоз, каде се нашето производство, квалитет, маркетинг, дизајн во однос на руските критериуми се само дел од темите на кои одговри Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, во интерјуто за „Нова Македонија“.
Конечно добиваме македонски изложбено-трговски дом во Русија. За што конкретно станува збор?
– За еден месец од денес, на 23 март годинава, во Москва на свечен начин ќе биде отворен македонски изложбено-трговски дом, кој целосно ќе биде во функција на зголемување на пласманот на македонските производи на рускиoт пазар. Со години се зборува за отворање дистрибутивен центар во Руската Федерација како еден од најдобрите начини за зголемување на извозот на овој голем пазар и еве, конечно, таа идеја се реализира. Македонско-руската стопанска комора го отвора овој изложбен и трговски центар во соработка со „Македонски дом“, компанија што е основана и специјализирана за поддршка на компаниите што го фокусираат рускиот пазар како своја извозна цел, а со поддршка на амбасадите од двете земји. Со неговото отворање, сегашните и идните македонски извозници во Русија ќе можат да ги изложат своите производи, да складираат одредени количества, а руските извозници нив ќе ги имаат на рака и ќе може веднаш да ги имаат во своите трговски и услужни објекти. Едновремено, „Македонски дом“ ќе им даде целосна комерцијална, царинска и правна поддршка. На свеченото отворање на македонскиот изложбено-трговски центар ќе отпатуваме со бизнис-делегација составена од голем број овдешни компании, кои во главниот град на Руската Федерација ќе имаат и деловни средби со руски компании-членки на Московската стопанска комора.
Македонски компании месецов учествуваа на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“ во Москва. Какви се впечатоците од годинашната промоција пред руските увозници и потрошувачи?
– Македонско-руската стопанска комора осми пат, а со државна поддршка шести пат, го организира презентирањето на македонската прехранбена и индустријата на пијалаци на оваа исклучително значајна саемска манифестација. Нашава земја имаше национален штанд како и уште други 26 земји, што, според наше мислење, е маркетиншка форма што влијае на зголемување на пласманот на македонските стоки на овој голем пазар. Македонските компании во „Експоцентарот“ во Москва овој пат се најдоа рамо до рамо со над 2.000 компании од 57 земји од светот и општ е впечатокот дека се презентираа на најдобар начин пред големиот број деловни луѓе и посетители. Македонските компании имаа многу корисен и плоден деловен настап и многу е важно што самите руски партнери добро ја препознаваат Македонија и веќе редовно ја вметнуваат во земјите со кои е потребно да се соработува. Оттука и интересот за нашите компании беше многу голем.
На што посебно го лоцираа интересот руските бизнисмени, какви се нивните коментари за македонските производи и какви конкретни резултати се носат од оваа саемска манифестација?
– Пред сѐ, мора да споменам дека рускиот пазар бара производи со висок квалитет и врвен дизајн и пакување. Македонските винарници и производите на прехранбената и млечната индустрија што беа претставени на македонскиот национален штанд без сомнение ги имаа тие карактеристики и токму затоа го привлекоа интересот на руските дистрибутери, трговски синџири и на другите посетители. Најдобра илустрација за тоа е златниот медал што гевгелиската компанија „Вори“ го освои во категоријата „најдобар производ“ за трите исклучително квалитетни производи – ајвар, тавче гравче и ризото. Што се однесува до конкретните резултати, ќе го споменам примерот на млекарницата „Здравје“ од Радово и на винарницата „Стоби“ во Градско. Компанијата „Здравје“ речиси година и пол интензивно, ангажирано и мотивирано работеше на влез на рускиот пазар. Тие напори беа крунисани на крајот на 2016 година со потпишување договор и реализација на првиот извоз од 5 тони млечни производи. Месецов се реализира и втората пратка, а веќе ја подготвуваат и третата за крајот на март. Се работи за висококвалитетни млечни производи од тврдата програма на „Здравје“, која ги вклучува уникатните овчо сирење и кашкавал што може да се најдат на полиците на премиум-ритејлерите во Москва. Значајно е што во текот на годинава и другите македонски млекарници што имаат добиено извозни дозволи од руските органи, како и оние што се во завршни фази на добивање, се очекува да го почнат пласманот на овој пазар. Слична е и приказната на „Стоби“, која веќе четири години е присутна на рускиот пазар и има пласирано еден милион шишиња вино од своите најзначајни брендови. Токму квалитетот на нивните вина го привлече вниманието на руските дистрибутери и очекувањата се дека значително ќе се зголеми нивниот пласман на овој пазар. Добро е што македонската винска индустрија полека се враќа на овој пазар. Имено, во 2014 и 2015 година беше забележан голем пад на извозот на македонското вино во Русија, по рекордната 2013 година. Лани евидентиравме враќање на извозот и беа пласирани 317.000 шишиња и 47.700 литри наливно вино. За годинава очекуваме натамошен пораст на извозот на вино и алкохолни пијалаци кое треба да стане постојан тренд на рускиот пазар. Но она што е важно за Македонско-руската стопанска комора е фактот дека учеството на оваа саемска манифестација влева оптимизам дека и годинава ќе продолжи трендот на висок пораст на македонскиот извоз на рускиот пазар, кој лани изнесуваше 39,5 отсто.
Какви се вкупните движења во размената со Руската Федерација. Што земјава извезува и увезува и каде се можностите за натамошен пораст?
– Генерално, со години структурата на размената меѓу двете земји е речиси иста и добра е тенденцијата што во последно време таквата состојба почнува да се менува. Имено, Република Македонија најмногу извезува лекови, земјоделски производи, вино, а увезува, пред сѐ, енергенти – нафта и гас. Од крајот на минатата година почнува извозот од производителите на сирење, кој годинава ќе почне да се проширува и интензивира, а за извоз се подготвуваат и производителите на месни преработки. На рускиот пазар полека почнуваат да се пробиваат и производители од хемиската и преработувачката индустрија. Недостигаат напори за повисоки форми на соработка и заеднички настап на трети пазари. Инаку, минатата година Република Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милион долари, што во споредба со претходната 2015 година, кога вкупното тргување изнесувало 189 милиони долари, бележи пораст од само 1,5 отсто. Но структурата на размената покажува позитивни тенденции за македонското стопанство. Република Македонија лани го зголемила извозот во Руската Федерација за 39,5 отсто, а увозот го намалила за 7,2 отсто во споредба со 2015 година. На рускиот пазар во 2016 година македонските компании пласираа стоки во вредност од 48,9 милиони долари (преклани 35 милиони долари), а оттаму се увезени производи за 142,9 милиони долари (преклани 153,9 милиони долари). Ваквиот обем на тргување со големиот руски пазар придонел трговскиот дефицит на Република Македонија со Руската Федерација да биде намален. Минатата година Република Македонија имала негатива во размената со Руската Федерација од 94 милиони долари (преклани 118,8 милиони долари).
Можно ли е да се лоцираат пречки што влијаат на зголемување на економската соработка со Руската Федерација?
– Некои особени пречки не постојат, но недостигаат корисни и квалитетни информации од значење за бизнисот во двете насоки и повеќе директни средби меѓу деловните луѓе. Бизнисот најдобро оди при средби очи во очи, а како тоа да се реализира кога меѓу двете земји сѐ уште нема директна авионска линија. За да се стигне сега, на пример, до Москва бизнисмените мора да сменат два или три авиона, губејќи време по аеродромите. Тоа е и причина што во земјава доаѓаат премалку туристи, по 200-400 во просек месечно, токму поради недостигот на директна авионска линија. Олеснувањето на авионскиот сообраќај сигурно ќе донесе и до поголема соработка во туристичката индустрија. Исто така, македонските компании мора да знаат дека мора да се приспособат на строгите руски стандарди за квалитет и многу повеќе да вложуваат во маркетинг и реклама. Наша долгогодишна процена е дека е потребно да се интензивира економската соработка со одредени региони и затоа годинава планираме посети на бизнис-делегации во оние делови од руската држава каде што македонските производи имаат конкурентска предност.
Со директни средби и саеми до поголем извоз
Што друго би им порачале на македонските производители и трговци кога е во прашање рускиот пазар? Како да се однесуваат? Како да се приспособат? Како да се организираат за поголем извоз?
– За да се настапи успешно на рускиот пазар е потребно да се запознаат неговите навики и особености. Нашите деловни луѓе претставувањето на своите компании треба да го прават преку директни средби, со квалитетни каталози, и да бидат подготвени на упорни преговори, но на – руски јазик. Затоа ние подготвивме и краток македонско-руски аудиоразговорник, со основните деловни конверзации, за да се олеснат контактите меѓу бизнисмените. Мојата порака е редовно да се учествува на саемите и деловните настани во Русија, бидејќи руските компании сакаат да видат со кого соработуваат за да стекнат доверба во бизнис-партнерот.