Русија нема да почне да печати пари за да помогне на економскиот раст и нема да дозволи популизмот да диктира каков ќе е буџетот, напиша премиерот на Руската Федерација, Дмитриј Медведев во својата статија „Социјално-економскиот развој на Русија: добивање нова динамика“ за магазинот „Прашања на економијата“ (Вопросы экономики).
Во првато важно осврнување на економската политика на Владата, која излегува по парламентарните избори и зацврстената власт на претседателот Владимир Путин, премиерот ветува дека владата ќе ја почитува буџетска дисциплина, но така што ќе се мисли за социјалните потреби и безбедноста.
Медведев истакна дека раководителите на Русија не можат да си дозволат популизам особено во буџетот. Зборовите доаѓаат како одговор на повиците до владата да ги зголеми трошоците за да и помогне на економијата да излезе од рецесија.
-Нема да одиме по овој пат – да пуштиме печатарска преса и да ја дебалансираме економијата, бидејќи тоа се мерки со катастрофални последици, – пишува Медведев.
Тој додава дека издавање на необезбедени пари ќе прошири инфлацијата, ќе ги обезвредни приходите на луѓето, платите и пензиите.
Изјавата на премиерот на Русија доаѓа во позадината на очекуван буџетски дефицит од 3,2% од БДП, при планиран до 3 отсто. Амбициите на Министерството за финансии на земјата се тој да биде намален со еден процентен поен во следните години.
Нема причина да се очекува дека проблемите на економскиот развој ќе се решаваат главно на сметка на државните средства, пишува по тој повод Медведев. Тој вели дека приоритетите на Владата се безбедноста, инвестирање во човечкиот капитал, помош за најранливите сегменти на населението и инфраструктурата.
-Структурата на буџетот треба да го одразува тоа, – нагласува Медведев.
Тој смета дека и покрај геополитичките услови Русија ќе оди кон се поголемо економско отворање.
За рускиот премиер се неприфатливи повиците за враќање кон строгото регулирање на економијата и кон централизирано планирање.
-Токму строгоста на советскиот модел доведе до неговиот крах во условите на современото (постиндустриска) општество, – пишува Дмитриј Медведев.
Премиерот на Русија во својата анализа не пропушти да потсети и на изјавата на претседателот на САД Барак Обама дека економијата на Русија е во „парампарче“.
-На крајот на 2014 година ни предвидуваа катастрофа, а еден познат политичар тврдеше дека руската економија ќе биде направена „парампарче“. Ни прорекоа неконтролирана фискална криза, запаѓање во инфлациската спирала и пролонгиран пад на рубљата, долг и длабок пад на производството, пораст на невработеноста. Воопшто, катастрофално сценарио, – пишува Медведев.
Наведеното сценарио не беше реализирано благодарение на систематската работа на владата, претпоставува премиерот.
-Ние го зачувавме темелот за осигурување на макроекономската стабилност. Буџетот, макар и не без загуби, се справува со оние тешки предизвици кои ни ги задава надворешноекономската конјунктура, – се вели во статијата.
Медведев исто така истакнува дека во Русија има „веќе сосем поинаков економски модел“ – уделот на буџетскиот прилив кој не е поврзан со нафтата и гасот, изнесува речиси 60 проценти.