По отворањето на двете Balans+ Зони во Скопје и во Битола, „Бимилк“, членка на Македонско-руската стопанска комора,  во соработка со „Пакомак“  отворија уште еден спортско-рекреативен простор, овој пат на истокот од Македонија, во општина Крива Паланка. Како локација за новата Balans+ Зона е избран кејот на Крива Река спроти главната магистрала во Крива Паланка. Донацијата вклучува поставување повеќе справи за рекреација и одржување на балансот на телото под брендот на „Balans+“, како и уредување на овој дел од градот.

-Среќни сме што развивме соработка со Општина Крива Паланка во насока на отворање нови содржини за жителите на овој град и разубавување на градот. Ова спортско катче е дел од стратегијата на компанијата да допре до колку што е можно поголем број граѓани од целата држава и да ги поттикне на спорт и рекреација, како начини на здраво живеење. Преку нашиот бренд ‘Balans+‘ континуирано ги истакнуваме придобивките од редовното консумирање здрава исхрана, па веруваме дека новата спортско-рекреативна зона под брендот на ‘Balans+‘ ќе ја пренесе нашата порака за важноста од практикување спортски активности, како начин за постигнување баланс на телото, – истакна Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во Бимилк“.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, по повод отворањето на новата Balans+ Зона истакна:

-Оваа донација од „Бимилк“ во соработка со „Пакомак“ е од исклучително значење за граѓаните на Крива Паланка не само поради тоа што сега градот има ново место за спорт и рекреација, туку целиот овој простор на кејот е разубавен и стана поатрактивен за посета и за разонода од страна на сите наши сограѓани. Здравиот начин на живеење, зголемените физички активности и позитивните животни навики ќе придонесат за создавање идни здрави генерации. Во исто време се надеваме дека оваа донација ќе биде поттик за инвестирање и покажување на својата општествена одговорност и од страна на други компании во државата.

-Веруваме дека отворањето на новата Balans+ Зона во соработка со „Бимилк“ ќе ги поттикне граѓаните на Крива Паланка да инвестираат во себе и во своето здравје, а со тоа да ја зголемат и грижата за околината во која живеат, како и создавањето чувство на одговорност кон амбалажниот отпад, – истакна Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“, Друштво за управување со пакување и отпад од пакување.

Од „Бимилк“ и од „Пакомак“ упатуваат отворена покана до жителите на Крива Паланка и до околните градови да ја посетат новата Balans+ Зона со цел искористување на придобивките од редовни физички активности за себе и за сопственото здравје, но истовремено и за подигнување на свеста за грижа за околината.