Во Скопје доставена хуманитарна помош од Русија
Конвој на Министерството за вонредни состојби на Руската Федрација испорача хуманитарна помош во Македонија наменета за жителите на подрачјата кои настрадаа во поплавите на почетокот на август годинава, соопшти прес-службата на МВС Русија.
Во Скопје пристигна конвој со хуманитарна помош за населението на Македонија. Пет возила доставија генератори, пумпи за вода и прехранбени производи – конзерви со риба и месо“, истакна претставникот на министерството.
Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Олег Шчербак рече дека помошта е одговор на барањето на македонските власти за помош за надминување на последиците од страшната поплава што го зафати Скопскиот регион и резултат на меѓусебната ефикасна соработка.
– Живееме во многу тешко време, кога се почесто се соочуваме со елементарни непогоди и технолошки катастрофи. Сето тоа бара човечка солидарност и обединување на сите напори за превенција и справување. Русија има големо искуство во справување со елементарни неопходи и секогаш сме подготвени да ги споделиме нашите знаења, искуства и технологии со сите наши партнери и членови на меѓународната заедница. Русија, иако во август и септември и самата беше погодена од елементарни непогоди во централниот и источниот регион позитивно одговори на барањето за помош на пријателската и блиска за нас Република Македонија, – изјави Шчербак.
Конвојот на МВС Русија патуваше цела недела од Русија до Македонија.
Помошта за Македонија е доставена по указ на владата на РФ и по барање на македонските власти.
Пред тоа, на 14 септември 2016 година и дипломати од Амбасадата на Русија во Македонија предадоа 14 кутии со храна и вода во фондот за собирање помош за настраданите од поплавите што се случија на 6 август оваа година во Скопскиот и Тетовскиот регион. Оваа добротворна акција во која учествуваа претставници и на други дипломатски мисии и невладини организации, се одржа во Амбасадата на САД во соработка со Македонскиот Црвен Крст и Институтот за трансфузиологија.