Според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија обемот на стоковната размена меѓу земјава и Руската Федерација до крајот на август бележи опаѓање од 15,5 отсто.Во овој период двете земји меѓусебно истргувале стока во вредност од 116.921 илјада долари, додека лани тој износ бил 138.377 илјади долари.
Меѓутоа, во овој период македонските компании пласирале за 9 милиони долари повеќе стока на големиот руски пазар кој е под санкции од дел од меѓународната заедница.Извезени се производи за 29.564 илјади долари (лани 20.986 илјади долари) што е пораст за 40,9 отсто.
И увозот од Руската Федерација опаѓа за нешто повеќе од четвртина (25,6 отсто).Македонските бизнисмени во Русија пазареле стока во вредност од 87.357 илјади долари (лани 117.391 илјади долари).
Со оглед на порастот на извозот и рапидниот пад на увозот, значајно е намален трговскиот дефицит на страната на Република Македонија во размената со Руската Федерација и во овој период тој изнесува 57.793 илјади долари (лани 96.405 илјади долари.
Што се однесува на вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во светот, во периодот јануари-август 2016 година, таа изнесува 3 112 569 илјади САД долари и бележи пораст од 6.4% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4 392 752 илјади САД долари што е за 6.2% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит на Република Македонија во размената со светот, во периодот јануари-август 2016 година, изнесува 1 280 183 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-август 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија. (С.П.)