Во мај годинава во земјава влегле странски директни инвестиции (СДИ) од 46,2 милиони евра, објави Народна банка на Република Македонија.
Поголем дел од овие инвестиции, односно 30,6 милиони евра, се сопственички капитал и реинвестирање на добивката и се сметаат за „чисти“ инвестиции, додека, пак, на должнички инструменти отпаѓаат 15,6 милиони евра, што се, всушност, позајмици што меѓу себе си ги одобруваат или враќаат странските компании со нивните фирми-ќерки во државава.
Со оваа бројка е остварено одредено благо подобрување на инвестициската слика на земјава, откако таа почна исклучително слабо на инвестициски план.
Во јануари во Република Македонија се инвестирани само околу 500 илјади евра странски директни вложувања, во февруари странците инвестирале околу 35 милиони евра, во март се евидентирани околу 28 милиони евра СДИ, а во април околу 33 милиони евра. Петтиот месец од годинава, со вложен странски капитал од 46,2 милиони евра, е најдобар досега од почетокот на оваа година.
Кумулативно во првите пет месеци од годинава, вкупното ниво на странски инвестиции во земјава изнесува 141,4 милиони евра. Тоа е за околу 50 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, или порастот изнесува околу 54 отсто. Годинава се наметнува како подобра во однос на ланската во поглед на инвестициите, иако во првите неколку месеци беше значително послаба.
За споредба, лани во земјава се евидентирани 157 милиони евра СДИ, во 2014 била инвестирана сума од 205 милиони евра, а во 2013 СДИ биле уште повисоки и изнесувале 252 милиони евра. Рекордна била 2007, со 506 милиони евра, а солидна била и 2008, со 400 милиони евра.