До 15 јули тече рокот за сите субјекти што ги порибиле рибниците со порибителен (насаден) материјал во периодот од 1 февруари до 30 мај,  да аплицират за добивање финансиска поддршка од Програмата за рибарство и аквакултура.
Право на користење на поддршката имаат сите субјекти што поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и да немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2018 – декември 2019 година од видот риба за која поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал за сопствено насадување на рибникот.
Право на финансиска поддршка имаат и оние субјекти што набавиле подмладок и се запишани во регистарот на одгледувачи на риби што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и имаат купено подмладок од субјекти што поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и кои немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2018 – декември 2019 година.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, информира дека средствата од потточката 2.2, односно Финансиска поддршка за порибителен материјал, се наменети за набавка на порибителен материјал за насадување на рибниците во период од 1 февруари до 30 мај 2019 година, а поддршката за оваа мерка се исплаќа скалесто: за купен или сопствен подмладок до 2.500 кг – 100 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок од 2.500 до 5.000 кг – 75 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок од 5.000 до 7.500 кг – 50 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок над 7.500 кг – 25 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот.
Барањата се доставуваат во оригален примерок.
Условите што треба да ги исполнуваат барателите на средства се утврдени во Програмата за финансиска поддршка во рибарстовото и аквакултурата за 2019 година („Службен весник на РМ“, бр. 15/2019).
Доколку до Агенцијата се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства во согласност со Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2019 година, Агенцијата ќе им даде предност на оние баратели што го поднеле своето барање порано од другите.
Обрасците „Барање за исплата“ со листата на потребни документи и упатството за корисници може да се подигне на веб страната на Агенцијата.
Обрасците може да се подигнат и директно во Агенцијата секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот.
Пополнетите барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка во рибарстовото и аквакултурата за 2019 година заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик на кој на предната страна во горниот лев агол стои ознаката НЕ ОТВОРАЈ, за јавен повик број 01/2019 и назначување на шифрата на потточката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата.
Доколку ковертот не е обележан како што се бара, Агенцијата не презема одговорност за ненавремено и некомплетно пристигнување во писарницата или предвремено отворање на барањето.
Краен рок за доставување на барањата за исплата на средства: за насадување на рибниците во период од 1 февруари до 30 мај 2019 година краен рок е 15.7.2019 година. Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.